„27 април“ низ призма на тогаш нападнатите: Кирацовски им простил на напаѓачите, Мисовски жали што Мицкоски дента бил пред Собранието

од Nikola Popovski
607 прегледи

Денеска се навршуваат шест години од „крвавиот четврток“ на 27 април 2017 година кога група на луѓе вклучувајќи и членови на безбедносните структури го нападнаа Собранието во организација на раководството на тогаш сè уште владејачката ВМРО-ДПМНЕ, со обид да спречат мирен трансфер на власта. Немилиот настан и натаму остава простор на поделби и политички пресметки и претставува незатворена рак-рана на длабоко поделеното општество. 

Во обид да дознаеме каков траг остави крвавиот упад и како се гледа на тој ден од денешен аспект, „Локално“ поразговара со луѓето кои тој ден во просториите на Собранието и директно се соочија со напаѓачите. Поранешниот генсек на СДСМ и поранешен дополнителен заменик-министер во МИОА, Александар Кирацовски вели дека 27-ми април претставува симбол на судирот помеѓу демократската мисла и автократијата, помеѓу криминалната свита која се бореше по секоја цена да ја задржи власта и политичката надеж во тоа време.

Александар Кирацовски

-Токму тој настан беше колективно отрезнување за тоа до каде може да забега моќта на деспотското режимско владеење, и колку е важно да се негуваат демократските вредности. Токму и таа лекција ја научивме, дека демократијата е како кислород, кога ја имаме не ја цениме, се додека не ја загубиме. За среќа во тој поглед денес, реално, сме на сосем друго ниво, истакнува Кирацовски во разговорот.

Соговорникот смета дека тој настан не придонесе за тектонска, длабока и сериозна трансформација.

-Ние како поединци и како општество секогаш ќе бидеме на нивото на нашето поединечно и колективно размислување, свест и култура. Културолошки, сме задоени одговорноста за тоа каде сме денес да ја префрламе кон надворешни фактори, кон другиот до нас, кон политиката, кон институциите, несвесни дека сме токму онаму каде што „заслужуваме“, а општествената реалност е наше огледало. Не постојат големи магични, инстант и мигновени промени независно од поттикот. Токму затоа треба во континуитет првенствено самостојно како личности, а потоа и колективно да се менуваме на подобро, а општествениот развој ќе дојде како резултат и последица, дециден е Кирацовски.

Според него, овој настан наместо колективно бреме кое ќе не држи во постојан антагонизам со самите себе, треба да биде поука која ќе не зближи и поврзува и освен главните, неколкумина општо познати иницијатори и организатори, секој друг треба да биде ослободен од каква било одговорност.

-Човек оптеретен со минатото е човек без сегашност. Држава, пак, која живее во минатото е земја без иднина. Како лично присутен на немилиот настан кој свесно виде и доживеа се што таму се случуваше, одговорно тврдам дека присутните „напаѓачи“ беа изманипулирани, заведени и искористени за евентуален спас на тогашната автократска политичка свита, посочува Кирацовски и додава:

-Лично им простив, убеден дека најголем дел од нив, денес, длабоко се каат и се свесни за својата немила улога. Како мал граѓански субстрат кој останува да живее и да ја гради нашата држава ние мора заедно да продолжиме со чисти сметки, помирени со минатото. Токму тоа, нашето заемно пријателство и сликите од немилиот настан ќе бидат гарантот за такво нешто никогаш повеќе да не се повтори.

Горан Мисовски

Потпретседателот на Собранието и претседател на НСДП, Горан Мисовски, кој исто така на крвавиот четврток на 27-април беше во Собранието, во разговор за „Локално“ категорично изјави дека тоа беше организиран напад на Собранието, поттикнат и организиран од ВМРО-ДПМНЕ, ангажирајќи вооружени лица со цел да ги убијат пратениците, да ги повредат новинарите и службениците кои на чесен начин си ја заработуваат платата.

-ВМРО направи обид на криминален начин да ја сочува власта и капиталот. Тоа беше период, кога режимот владееше со трите П, пари, пропаганда и пендрек. За жал, одбивајќи на мирен начин да се предаде власта,врз пратениците беше употребен и пендрекот. Голема среќа е што останавме живи ние пратениците, а и претставниците на медиумите и службениците, ни рече Мисовски.

Потенцира дека Република Северна Македонија е предводена од парламентарно мнозинство и влада која е проевропска, реформска и со јасна визија и цел за европска интеграција.

-Благодарение на таквите политики сега сме полноправна членка на НАТО и ги отпочнавме преговорите со ЕУ. Што се однесува до случаите пред судските органи, а врзани за крвавиот четврток ќе се воздржам од коментари затоа што тоа се сепак одлуки на друга власт. За мене нема дилема, а и од обвинителните акти ми е јасно дека зад крвавиот четврток стоеше раководството на ВМРО-ДПМНЕ, посочува Мисовски.

Заменик-претседателот на Собранието жали што сегашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ беше на крвавиот четврток пред вратите на Собранието.

-За состојбите во најголемата опозициска партија ќе се воздржам од коментари, можеби само со една реченица ќе искоментирам дека е евиденто дека постои во партијата судир помегу проевропското крило и дел од структурите кои не и мислат добро на државата и се обидуваат по секоја цена РСМ да биде изолирана држава далеку од европската интеграција, за жал можеби одработувајки за некои кои што не се пријатели на РСМ, кажа соговорникот.

Мисовски е убеден дека вакво нереформирано ВМРО-ДПМНЕ не може да се врати на власт и дека на следните претседателски и парламентарни избори, антиевропските политики на партијата ќе бидат поразени.

-Очекувам двојна победа следната година, заклучува соговорникот.

Н.П.

Слични содржини