28 години по атентатот, се уште не е познато кој сакаше да го убие екс-претседателот Глигоров

од Nikola Popovski
636 прегледи

На 3 октомври 1995 година врз поранешниот претседател Киро Глигоров беше извршен неуспешен обид за атентат. Глигоров го преживеа атентатот со тешки повреди во пределот на главата. На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Исто така, на повредите подоцна им подлегна и Ристо Хаџиманов, пензионер и случаен минувач покрај местото на настанот.

Нападот беше извршен со автомобил-бомба во 9,50 часот на улицата “Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје, кога Глигоров со службено возило се движел од неговата резиденција на работното место во Собранието на Република Македонија. Бомбата, поставена во автомобил „цитроен ами 8“ експлодира кога автомобилот на претседателот минуваше покрај неа.

Понатаму, од сознанија на истрагата се утврди дека автомобилот бил намерно избран за поставување на бомба, затоа што има тенок лим кој може од експлозијата да се распадне во повеќе смртоносни шрапнели.

Ниту нарачателите ниту извршителите на атентатот врз Глигоров сѐ уште не се познати.

Во истрагата биле претресени 30.850 возила и прегледани повеќе од 15.000 објекти, легитимирани биле повеќе од 188.000 лица, од кои 19.000 биле претресени. МВР извршило и околу 30 информативни разговори со луѓе за кои сметало дека се можни сторители на атентатот, но сите тие биле пуштени по испрашувањата.
За обидот за атентатот врз него, Глигоров напиша и автобиографска книга „Атентат – ден потоа“, што ја промовираше во 2002 година. Претседателската функција Глигоров ја извршуваше во два мандати од 1991 до 1999 година.

Атентатот над претседателот се случи во мандатот на Љубомир Фрчкоски како министер за внатрешни работи. Неколку месеци од атентатот во 1995, како за можните атентатори разузнавачката служба ја посочила „Ослободителната војска на Македонија“ со седиште во Австралија.

Глигоров беше политичар кој бил влијателен и почитуван на македонската политичка сцена пред и по независноста.
Роден во Штип во 1917 година, Глигоров дипломирал право на Белградскиот Правен Факултет. Во текот на Втората Светска Војна, Претседателот Глигоров учествувал во борбата против фашистичките сили и бил секретар на иницијативниот комитет за формирање на АСНОМ. Бил на повеќе важни политички и економски функции во СФР Југославија и во Сојузот на комунистите на Југославија.

Глигоров почина на први јануари 2012 година во 95-тата година од животот.

Слични содржини