30 дена притвор за градежната инспекторка која беше фатена како прима поткуп

од Nikola Popovski
54 прегледи

Кумановското јавно обвинителство одреди притвор за градежната инспекторка од Општина Куманово која беше затекната како прима поткуп. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави и предлог за определување мерка притвор за осомничената. Предлогот е прифатен и Судот со решение и определи притвор во траење од 30 дена.

Истрагата е поведена бидејќи осомничената на 1 ноември, во еден ресторан во Куманово, во својство на службено лице – градежен инспектор во Општина Куманово – Сектор за грaдежен инспекциски надзор, побарала и примила подарок за да не изврши службено дејствие што би морала да го изврши со што прибавила поголема имотна корист.

Уште во текот на август годинава таа извршила увид на лице место на градба лоцирана на улицата  “Доне Божинов” и констатирала отстапување од одобрението за реконструкција на објект. Наместо согласно своето службено овластување да изготви записник за извршен инспекциски надзор и Решение за отстранување на доградените делови на објектот, од оштетениот  изведувач на градбата директно побарала да и даде поткуп во износ од 1500 евра.

Кога во септември пријавената била разрешена од функција  – раководител на градежна инспекција и била назначена за овластен инспектор отишла во контрола на друг објект во изградба каде управител на фирмата изведувач повторно бил истиот оштетен.  И таму констатирала неправилности во фаза на градба-отстапување на одобрение за градење, но повторно не составила записник за извршен инспекциски надзор и решение за отстранување на констатираните недостатоци на градбата, туку се сретнала со оштетениот и побрала поткуп дополнително уште 2.500 евра или вкупно 4.000 евра за двата објекти. Парите и биле исплатени во целост во готовина на рака на 1 ноември, со што пријавената се стекнала со противправна имотна корист.

-Поткупот не смее да биде правило, секој ќе одговара за сторениот криминал, законот е еднаков за сите. Секое противзаконито работење, ќе биде соодветно казнето, рече вчера Александар Јанев, директор на Бирото за јавна безбедност. Најави дека секое противзаконито работење ќе биде соодветно казнето.

Слични содржини