Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторил три кривични дела – Разбојништво согласно член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 11.04.2022 година маскиран влегол во аптека на улицата „Солунска“ и на вработената и се заканил со пиштол, туркајќи ја кон магацинскиот простор. Одзел 40.500 денари спакувани во три книжни ќеси и избегал.
На 16.05.2022 година осомничениот повторно маскиран влегол во обложувалница на улицата „Филип Втори Македонски“ и се упатил кон пултот за наплата. На вработената и се заканил со нож, директно насочувајќи го кон неа и принудувајќи ја да му даде 207.000 денари и 200 евра.
При последниот настан, на 18.04.2023 година, осомничениот маскиран се заканил со нож на вработена во аптека на улицата „Димитар Илиевски – Мурато“. Ја натерал да му го отвори сефот и ги одзел хартиените пликови внатре, сметајќи дека одзел пари. Всушност, во пликовите имало сметки и други документи. Осомничениот ја натерал оштетената да влезе во тоалетот, ја затворил внатре и избегал.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи оцени дека постои опасност од бегство, можност да го повтори делото и да влијае врз сведоците/оштетените. Судијата го прифати ваквиот предлог и му определи притвор во траење од 30 дена.