30 дена притвор за „Штекли“ и членовите на неговата криминална група

од Nikola Popovski
63 прегледи

Падна 14-члената организирана криминална група предводена од Раде Трајковски-Штекли која долго време вршела недозволена трговија со дрога. Во акцијата на полицијата која следува после долго криминалистичко истражување при извршените претреси на повеќе локации пронајдени се големи суми пари, возила, телефони, оружје, дрога.

Обвинителството побара притвор за десетмина. Еден осомничените е веќе во притвор, а тројца не се достапни на органите на прогонот. Денеска од Кривичниот суд го потврдија барањето на обвинителите.

-Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерки за обезбедување присуство против група, осомничена за Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори согласно член 215 ст.3 вв со ст.1 од КЗ, кои во текот на вчерашниот ден беа спроведени во судот, донесе решенија со кои:

Предлогот за определување мерка притвор против : Р.Т., П.З., Д.Т., В.В., А.В., Д.Џ.Х., С.С., С.М., К.К. и Ф.Р. го прифати и им определи мерка притвор во траење од 30 дена, а заради постоење основните од член 165 ст.1 т.1, 2 и 3 односно, Опасност од бегство, Околности кои укажуваат дека може да ја попречи истрагата со влијание на сведоци и Повторување на делото. Воедно, прифатен е и предлогот за определување на мерка притвор против две лица кои се недостапни за органите на прогон, а притворот почнува да се спроведува од нивно пронаоѓање односно лишување од слобода.

Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет, соопштија од Кривичниот суд.

Засега, не се откриваат детали за полицискиот службеник, осомничен дека пренесувал информации до наркокартелот на Штекли. Раде Трајковски неколкупати беше поврзуван со сериозни криминални случаи.

Врз него два пати беше пукано, а во ноември беше фрлена и бомба во неговиот дом во Керамидница. Во 2023 година во период од два месеци беше цел на напади во трговскиот центар „Ист гејт мол“, но успеа да преживее.

Во 2021 година Шеткли беше уапсен во Белград поради тогашно поврзување со убиство извршено во Македонија. За него имаше распишано и меѓународна потерница. Името на Штекли во последните години не се споменуваше многу често по медиумите, освен кога беше уапсен и екстрадиран. Неговото име не се споменуваше ниту во последните мафијашки пресметки, кои почнаа со убиството на Јетон Кривањева – Жила и Енес Исеинов-Љаци од криминалната група „Дуќанџик“.

Слични содржини