30-дневен притвор за девет лица осомничени за криминалот со инвалидските пензии

од Nikola Popovski
89 прегледи

Судии на претходна постапка од Кривичниот суд, на 9 лица, осомничени за злоупотреба на медицинска документација за туѓа нега и инвалидски пензии им определи мерка притвор од 30 дена, 5 лица добија куќен притвор, а на 9 им определија мерки на претпазливост, односно обврска да се јавуваат во судот или на овластено службено лице и привремено одземање на патната исправа. Против овие решенија странките имаат право на жалба пред кривичниот совет.

Во истрагата на Обвинителството за организиран криминал и корупција се опфатени 49 лица, 23-ца беа спроведени во судот, а едно лице сè уште не е недостапно за органите на прогон.

Осомничени се за повеќе кривични дела, а поврзани со злоупотреби со утврдување услови за добивање парична помош за туѓа нега и помош за лица со попреченост и неспособност за самостојно живеење.

Во шемата влезени се лекари, вешто лице, членови на комисијата за оценка на работната способност, адвокат, но и други службеници.

Истрагата открива дека во текот на 2023 година, првоосомничената, која била поранешна вработена на Универзитетската клиника за уво нос и грло во Скопје, заедно со уште единаестмина лица меѓу кои лекари од велешката болница, од Универзитетската клиника за неврологија , адвокат од Велес, како и службеник од Центарот за социјални работи во Тетово обезбедувале фиктивна медицинска документација за добивање помош за туѓа нега, а за возврат земале мито.

Паралелно, во истиот временски период докторка исто од Универзитетската клиника за уво, нос и грло, која била и член на Комисијата за инвалидиски пензии,  заедно со првосоомничената создале уште една група, на која се приклучиле уште десетмина лица и по истиот терк незаконски издавале инвалидски пензии.

Министерот за здравство, Арбен Таравари вчера порача дека ги поддржува сите вакви акции со кои треба да се расчисти корупцијата и криминалот во здравствениот систем.

Слични содржини