Палестинската цивилна одбрана во Газа денеска соопшти дека во два израелски воздушни напади врз две куќи во Појасот Газа загинале 30 лица, меѓу кои 13 деца.
Во првиот напад на семејна куќа во Џабалија, на северот на Газа, загинаа најмалку 25 лица, од кои 13 деца.
Над 30 лица се ранети рано утринава, соопшти Цивилната одбрана.
Палестинските спасувачи соопштија и дека во друг израелски напад врз куќа во населбата Сабра во градот Газа, загинале пет лица, а неколку се водат за исчезнати.
Се вели дека повеќе цивили се уште се под урнатините.
Израелската армија се бори против палестинската исламистичка организација Хамас и други вооружени организации во Појасот Газа и против либанската исламистичка организација Хезболах во Либан.
Војната беше предизвикана од ненадеен напад на Хамас на 7 октомври минатата година на југот на Израел.
Во нападот, во Израел беа убиени околу 1.200 луѓе, главно цивили, а околу 250 заложници беа киднапирани и однесени во Газа.
Над 43.550 Палестинци загинаа во израелската одмаздничка офанзива во Газа, од кои повеќето цивили, според тамошното Министерство за здравство, кое Обединетите нации го сметаат за веродостојни податоци.