31.245 лица за само еден ден ја инсталирале апликацијата StopKorona!

од Берта Китинска
390 прегледи

Граѓаните од Северна Македонија отсега ќе можат на своите смартфон телефони да ја инсталираат мобилната апликација „Стоп Корона!“ која е наменета да помогне на Министерството за здравство за полесна контрола на ширењето на новиот коронавирус и брзо пронаоѓање на заболените од Ковид-19. Само за еден ден 31.245 лица ја инсталирале апликацијата.

Откако апликацијата се активира на телефонот на корисниците, таа комуницира преку „блутут“ со другите корисници на апликацијата и разменува податоци за оддалеченоста на сите уреди кои се во ваша близина, на далечина релевантна за ширење на заразата, определено време во текот на 14 дена.

„Во случај некој корисник на апликацијата да заболи од вирусот, Министерството за здравство, ќе побара корисникот на апликацијата да ја сподели со Министерството листата на неговите записи во апликацијата, по што надлежните ќе ги детектираат телефонските броеви и ќе ги информираат лицата дека биле во контакт со лице кое е носител на COVID-19 , водејќи сметка за целосна заштита на приватноста“, се наведува на интернет страницата stop.koronavirus.gov.mk.

Од Министерството за здравство напоменуваат дека придобивките од користењето на апликацијата се спречување на ланецот на ширење на вирусот, преку брза идентификација на заразените, како и солидарност во борба против коронавирусот.

Апликацијата може да ја превземете од следниот линк: https://stop.koronavirus.gov.mk/

Слични содржини