На денешен ден пред 34 години пред зградата „Бановина“ во Сплит, тогашното седиште на командата на Поморската област на Југословенската морнарица, се одржа протест на сплитските работници, кој прерасна во трагичен настан. Во инцидентот што следеше беше убиен војникот на ЈНА, Сашко Гешовски, додека неговиот колега Тони Најев беше ранет. Меѓу демонстрантите немаше жртви. И двајцата војници беа по потекло од Македонија.
Кавадарчанецот Гешовски е првата жртва од последната голема војна што започна на Балканот, со распадот на поранешна СФРЈ.
Околностите кои доведоа до неговата смрт ниту до ден-денес не се разјаснети. Во униформата на ЈНА, младиот Македонец во последните мигови од животот се најде пред разгневената толпа од десетици илјади луѓе кои протестираа против ЈНА, меѓу кои имаше и вооружени лица. Од толпата излезе куршум и го уби Гешовски, но никогаш официјално не е утврдено кој пукаше во него. Четири дена претходно, на 2 мај, во Борово Село беа убиени 12 хрватски полицајци. Еден месец претходно, во Плитвице се случи таканречениот „крвав Велигден“, кога во конфликт со Срби кои протестираа беше убиен хрватскиот полицаец Јосип Јовиќ.
Во овој конфликт загина и Мишко Митрев, роден во 1954 година во Ваташа. Митрев загина како подофицер во ЈНА во септември 1991 година, при одбрана на касарната во Ѓаково.
Лани беше предвидено на зградата на Градската управа во Сплит да биде поставена спомен-плоча на македонскиот војник. За спомен-плочата во чест на Гешовски се одлучуваше на седницата на градската Комисија за именување улици и плоштади. Ова ги разгневи навивачите на Хајдук Сплит кои жестоко се побунија на каква било помисла на кирилично писмо. Плочата се уште не е поставена.