34 нови случаи на голема кашлица, тројца се хоспитализирани

од Nikola Popovski
311 прегледи

Од 17 до 23 мај, пријавени се 34 нови случаи на голема кашлица, со намалување од 22,7 отсто споредено со претходниот седмодневен период, кога беа евидентирани 44 новозаболени. Од новите 34, три случаи се хоспитализирани, покажуваат податоците од најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Најголем дел од случаите се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје – 27, а пријавени се и четири случаи од Тетово и по еден од Прилеп, Кичево и од Велес. Возраста на заболените се движи од еден месец до 73 години. Најголем број случаи се од возрасната група под една година и од пет до девет години.

-Заклучно со 23 мај, во земјава се регистрирани вкупно 631 случај на голема кашлица. Најголем број од нив се во Скопје – 507 или 80,3 проценти со зафаќање на седумнаесет различни општини. Во рамките на епидемијата во Куманово, пријавени се 35 заболени лица или 5,5 отсто. Случаи се пријавени и во други 17 градови низ државата, се наведува во извештајот на ИЈЗ.

Од вкупниот број заболени, хоспитализирани се 90 лица или 14,3 проценти. Од нив, 75 или 83,3 отсто – на возраст до четири години. Најголем број од случаите – 60 или 66,7 проценти се хоспитализирани во УК за белодробни заболувања кај деца во Козле. Од вкупниот број хоспитализирани лица, 85 се испишани. Во просек, заболените биле хоспитализирани по девет дена.

Од 18 јануари до 23 мај дадени се вкупно 49.934 дози вакцина со компонента против голема кашлица.

Слични содржини