35.000 Литванци формираа човечки ланец до белоруската граница

од Vladimir Zorba
350 прегледи

Денес околу 35,000 Литванци формираа 34-километарски човечки ланец од центарот на Вилнус до белоруската граница за поддршка на демонстрантите во Белорусија.

„Повеќе од кој било друг, можете да ги разберете Белорусите, затоа што не толку одамна поминавте низ истото како ние сега“, рече лидерот на белоруската опозиција Светлана Тихановскаја во претходно снимено обраќање.

Тихановскаја. која побегна во Литванија по претседателските избори на 9 август, во кои се соочи против Александар Лукашенко, не присуствуваше на настапот од безбедносни причини, пренесува Ројтерс.

„Горда сум на моите луѓе кои одговорија на повикот и дојдов овде да ги охрабрам Белорусите“, им порача претседателот на Литванија, Гитанас Науседа на насобраните, стоејќи недалеку од крајот на човечкиот ланец на границата со Белорусија.

„Ние не сме рамнодушни и никогаш нема да бидеме“, рече Науседа.

На граѓаните им се придружи и поранешниот претседател на Литванија, Далија Грибаускајте.

Американскиот амбасадор Роберт Џилкрајст исто така учествуваше во човечкиот синџир, носејќи бело-црвено-бело знаме, кое беше белоруско во раните 90-ти, и сега стана симбол на антивладини протести.

„Драго ми е што им се придружив на толку многу луѓе што покажуваат такво единство со граѓаните на Белорусија“, рече Џилкрајст пред новинарите.

Настанот беше организиран на годишнината од „Балтичкиот пат“, масовен протест против советското владеење на 23 август 1989 година, кога се приклучија два милиони луѓе низ балтичките земји – Естонија, Латвија и Литванија.

Над 200.000 демонстранти се собраа по петнаесетти пат денес во центарот на Минск, во близина на споменикот „Минск-градски херој“, во знак на протест за резултатите од претседателските избори.

Слични содржини