„35 милиони денари – измама или политичка игра? – Градоначалникот Николов ги открива деталите и отфрли обвиненијата

од Љубиша Владимиров
22 прегледи

Градоначалникот на Општина Росоман, Стојан Николов, денеска јавно ги негираше наводите од кривичната пријава што против него ја поднела Управата за финансиска полиција. На прес-конференција, Николов изјави дека обвинувањата за злоупотреба на службена положба, фалсификат на документи и ненаменско трошење на буџетски средства се целосно неосновани.

– Категорично ги отфрлам сите обвинувања. Објектите за кои се зборува се веќе изградени, функционални и користени од страна на жителите. Општината нема никаква надлежност врз плаќањата или надзорот на тие проекти, тие беа под ингеренции на централната власт – истакна Николов.

Според него, Финансиската полиција ја посетила општината дури во септември минатата година, кога им била предадена целата документација поврзана со спорните проекти. Но, како што вели, кривичната пријава е поднесена дури девет месеци подоцна, што според него фрла сомнеж за политичка позадина на целиот случај, особено со оглед на тоа што се ближат локалните избори.

Обвиненијата, меѓу другото, се однесуваат и на реконструкција на улица во Росоман и изградба на паркови во неколку населени места. Николов објасни дека тие активности не биле во надлежност на општината, туку биле спроведени преку централни институции.

– Во последните четири години, ја водам општината чесно и одговорно. Секој проект е транспарентен и со цел да се подобри животот на граѓаните – додаде градоначалникот.

Тој најави дека ќе ја докаже својата невиност пред надлежните институции и повика на разум и објективност во водењето на постапките, истакнувајќи дека граѓаните на Росоман заслужуваат стабилност и чесно водство.

Слични содржини