35 отсто од вкупното население е вакцинирано со две дози вакцини

од Nikola Popovski
261 прегледи

Во текот на завчерашниот ден биле аплицирани вкупно 5.246 дози вакцини, од кои 1.253 аплицирани како прва доза, 3.897 ревакцинирани, а 96 граѓани примиле трета доза вакцина.

– Заклучно со завчера вкупно се вакцинирани 791 141 граѓанин, ревакцинирани се 737 979, а трета доза примиле 425 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

– Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 47 отсто, а со две дози опфатени се 44 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во земјава е вакцинирана, а 35 отсто од вкупното население е вакцинирано со две дози вакцини, информираат од Министерството за здравство.

Процентот на новозаразени од коронавирусот од вкупниот број направени тестирања, во последниот месец во просек е околу 13. Вчера беа регистрирани 399 нови случаи од направени 3.337 тестирања, што е речиси 12 проценти. Но, за разлика од претходните денови, вчера беа евидентирани голем број на оздравени пациенти, дуру 1.348, што придонесе да се намали бројот на активни случаи на 10.816, кој претходните денови се движеше околу 12.000.

Засега одговорните не планираат нови антиковид-мерки зашто е намален бројот на хоспитализирани, болниците не се оптоварени и се празнат. Трета доза „Фајзер” им се препорачува на сите граѓани, без оглед на возраста и дали се хронично болни. Од идната недела околу 8200 основци и средношколци ќе бидат тестирани за присуство на КОВИД-19 за да се добијат податоци за преносливост на вирусот во училиштата.

Слични содржини