4 намирници кои ги влошуваат менструалните грчеви и 8 кои ќе ги ублажат

од Vladimir Zorba

Кога ќе дојдат „оние денови“, многу жени се жалат на менструални грчеви и болки кои бараат од нив да пијат аналгетици и поголемиот дел од денот да го поминат во лежечка положба. Во периодот од три до седум дена, колку што обично трае менструацијата, жените можат да доживеат бројни непријатности – од промени во расположението до постојани акни.

Промените во нивото на естроген и прогестерон во деновите пред менструалниот циклус може да доведат до желба за храна богата со јаглени хидрати. Храната богата со шеќер и масти влијае на зголемување на серотонин, но може да влијае и на појавата и интензитетот на менструалните болки.

Во текот на месечниот циклус, матката се собира и ослободува простагландини, липиди кои предизвикуваат грчеви и доведуваат до болки во мускулите и грбот.

„Medical News Today“ наведува дека црвеното месо, маслото, шеќерот и солта може да доведат до зголемено производство на простагландини, што го прави грчењето уште поболно.

Иако црвеното месо како говедското содржи простагландини и може да го зголеми воспалението, белото месо и рибата се безбедни за јадење „оние денови“.

Исто така, се препорачува да се намали количината на кафе што го пиете за време на менструалниот циклус.

А сепак, на телото не треба да му се одрече тоа што го бара, бидејќи тоа обично произведува контра-ефект, според експертите.

„Ограничувањето и лишувањето на крајот доведуваат до прејадување, проследено со чувство на вина и влегување во нов циклус на ограничувања“, вели диететичарот Валери Агеман за „Космополитен“.

Од друга страна, постојат намирници кои можат да ги ублажат симптомите на кои повеќето жени се жалат во текот на месечниот циклус.

Тоа се храни од цели зрна, посни протеини, овошје, зеленчук, семки, јаткасти плодови и мешунки.

„Medical News Today“ препорачува и антиинфламаторна храна како лосос, сардини, тофу, леќа, грав и зелен лиснат зеленчук.

А одредени хербални лекови можат да бидат корисни во „оние денови“. Ѓумбирот, на пример, има антиинфламаторни својства, па чајот направен од овој зачинет корен може да биде корисен.

Конечно, не треба да се заборави и внесувањето на доволни количества вода, која помага при надуеност и спречува можна дехидрација.

Слични содржини