47 деца од предучилишна возраст во изолација поради Ковид-19, Шахпаска со порака дека се уште има места во градинките

од Берта Китинска
415 прегледи

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 17.786, бројката на оздравени пациенти е 14.801, на починати е 737, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.248.


Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска вчера информира дека во моментот 47 деца од предучилишна возраст, односно три згрижувачки групи и 14 вработени се во изолација поради Ковид-19.

Единствено затворен е објектот во склоп на градинката „Ѕвездички“ во Чешиново-Облешево, кој, како што најави денеска министерката, ќе биде отворен денеска.
Во градинките, според Шахпаска, се уште целосно не е исполнет капацитетот согласно протоколот за работа и има слободни места за сместување на децата.

– Би било утопија доколку кажеме дека во нашите градинки, и во услови надвор од корона кризата, има место за сместување на сите деца. Затоа во изминатиот период изградени се 49 објекти за сместување на деца и 3.193 дечиња беа сместени. Нашиот таргет е до 2024 година во градинка да бидат сместени 60 проценти од децата во предучилишна возраст, односно да бидат отворени 7.500 места, рече Шахпаска.

Премиерот Зоран Заев завчера наведе дека Владата и надлежните институции се целосно посветени на мерките за лична заштита преку кои ќе се спречи ширењето на КОВИД-19, а со тоа и потребата од карантин и други порестриктивни мерки.

-Она на коешто сме сите фокусирани од здравствената комисија до државниот кризен штаб до Владата е мерките на лична заштита. Тука ги полагаме сите надежи. Сите се свесни, граѓаните знаат дека се во иднина ќе зависи од тоа колкав ќе биде бројот на заразени, бројот на смртни случаи, колку ќе трае оваа пандемија зависи од нашата лична одговорност. Колку повеќе носиме макса, правиме дезинфекција, држиме дистанца, не мора секој пат да правиме средба, можеме и по телефон дел од работите да ги завршиме, рече Заев, кој дополни дека со намалување на температурите се зголемува и опасноста од зголемување на бројот на заболени и токму затоа е многу важно сите безусловно да ги почитуваат мерките.

Во текот на претходното деноноќие на територијата на државата по однос на мерката за неносење лична заштита на лице се регистрирани 593 прекршоци.

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со Ковид-19.

Слични содржини