Преговорите за платите со Германските железници пропаднаа, соопшти Синдикатот за железници и транспорт ЕВГ. Штрајкот почнува денеска вечер и треба да биде најдолгиот досега, пишува Дојче веле.
Германските железници не беа заинтересирани за компромис, рече преговарачот Кристијан Лорох во петокот (12 мај).
Според неговиот синдикат ЕВГ, двете страни претходно толку напредувале во разговорите што се чинело дека основата за договор е постигната, но потоа, како што додаваат, Германските железници (Дојче бан, ДБ) се повлекле.
Во исто време од ДБ велат дека се обиделе се да спречат штрајк. „Германски железници целосно ги исполнија барањата на синдикатот ЕВГ, без трикови и без ограничувања. Што друго треба да правиме како работодавци“, праша Мартин Зајлер, член на одборот на директори на ДБ задолжен за човечки ресурси.
За да се постигне успех во преговорите, неопходно е да се најде решение за групите со пониски плати.
Според мислењето на синдикатот, досегашните ветувања за воведување минимална саатница од 12 евра не се доволни.
Кристијан Лорох вели дека зголемувањето на платите треба да се заснова на тарифи од околу 13 евра.
Германските железници, сепак, сакаат да го остават тоа за идните рунди преговори за тарифните договори. „Тоа не е прифатливо“, рече претставник на синдикатот.
Во четврток, на 11 мај, синдикатот објави дека вработените во ДБ, како и во речиси сите конкурентски железнички компании, ќе штрајкуваат низ целата земја.
ЕВГ застапува околу 230.000 вработени во педесетина железнички и автобуски компании и инсистира на 12 отсто повисоки плати и најмалку 650 евра месечно.
Ова ќе биде трет предупредувачки штрајк на синдикатот поради несогласувањето околу тарифните договори и треба да биде најдолгиот досега: 50 часа, од 22 часот во недела на 14 мај до полноќ во вторник на 15 мај.