50 години од отворањето на првиот лекторат по македонски јазик надвор од некогашната југословенска држава

од Vladimir Zorba
141 прегледи

Голем јубилеј за македонистиката и за македонската држава – половина век од отворањето на Лекторатот по македонски јазик во Париз, Франција. Со него, пред 50 години почна натамошното засилено присуство на македонскиот јазик, литература и култура во наставата на странските високообразовни институции. Лекторатот на престижниот Национален институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО) во Париз е првиот лекторат по македонски јазик отворен надвор од некогашната југословенска држава. Во текот на неговото 50-годишно непрекинато работење и развивање, овој Лекторат не само што е средиште на македонистиката во Франција и централна точка на македонско-француските академски и културни врски, туку е и клучен центар за афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура воопшто во еден дел на Европа.

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), заеднички со ИНАЛКО го чествува значајниот јубилеј, со заложби за натамошните перспективи за развој на македонистиката на овој реномиран европски висообразовен центар.

– Денес, 50 години по отворањето на Лекторатот во Париз, исправени сме пред историска обврска и одговорност – да го вреднуваме она што е историја и сегашност на македонистиката во Франција и да оствариме влог во нејзината иднина. Во децениите наназад, постигнато е многу. Денес, македонскиот јазик, на ИНАЛКО се изучува како главен предмет, на сите циклуси академски студии – од лиценца до докторат. На ИНАЛКО е и првата професорска катедра за македонистички студии на странска високообразовна институција. Од минатата година, македонистиката има статус на ретка научна дисциплина во Франција и е заштитена. Но, не треба и не смее да се запре тука! По оствареното во изминатите 50 години, должни сме да се заложиме за она што ќе биде стварност во годините што следат и тоа за нас е и императив во чествувањето на овој значаен јубилеј, истакнува директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Таа и напоменува дека Лекторатот отворен пред половина век и ИНАЛКО како високообразовен центар не само што имаат историско значење за нас, туку се и еден од вистинските примери како треба да се работи и да се развива македонистиката на странските универзитетски центри на кои се изучуваат македонскиот јазик, литература и култура. Како што посочува, големиот јубилеј преку кој уште еднаш се потврдува значајноста на просторот што ИНАЛКО досега го овозможи за развој на македонистиката во Франција, треба да е и взаемен поттик за натамошно развивање на соработката и содејствување во нови постигнувања за изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура на ИНАЛКО. Пораката дека иднината треба да ја создадеме во сегашноста е една од оние со кои МСМЈЛК при УКИМ и го започна чествувањето на јубилејот.

– Во време кога во глобални рамки интересот за студирање филологија и воопшто хуманистички науки е помал од претходно, оваа академска година, на првиот циклус студии на ИНАЛКО има зголемен интерес за македонистиката. Кадрите што искажуваат желба и подготвеност да се вложат себеси во натамошниот развој на македонистиката се иднината! Во нив треба заеднички да вложуваме, за во годините и децениите пред нас, кон досегашните постигнувања да се надоврзат нови, нагласува директорката на МСМЈЛК при УКИМ.

Мојсова-Чепишевска и истакнува дека оствареното во изминатите пет децении, не ќе беше можно ако покрај институционалните заложби на МСМЈЛК при УКИМ и ИНАЛКО, не беше и влогот на сите посветеници на македонистиката кои дел од себеси вградија во развојот на студиите по македонистика во Париз. Сите досегашни лектори, од првиот – проф. д-р Алекса Попоски до актуелниот, м-р Ѓоко Здравески, ама клучно – и кадарот на ИНАЛКО, при што за изминативе две децении особено важна е посветеноста на проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро, која раководи со студиите по македонски јазик, литература и култура.

– Се надеваме дека и во оваа јубилејна, 2023 година, македонскиот збор силно ќе одекне во Париз. Токму од ИНАЛКО, со научни согледби, резултати од истражувања, заеднички иницијативи и нови проекти во периодот што следи. Но воедно и со интересот на новите посветеници на македонистиката во Франција. Заеднички ќе ја испратиме пораката дека по оствареното во изминатите педесет години, со јасна цел и визија, вложувањата во македонистиката треба да продолжуваат во годините што следат. Со решеност за нови постигнувања во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура, порачува директорката на МСМЈЛК при УКИМ.

Чествувањето на големиот јубилеј 50 години Лекторат по македонски јазик во Париз веќе започна. Меѓу другото, на ИНАЛКО, јубилејот ќе се одбележи и со меѓународен собир.

Инаку, иницијативата за студии по македонистика на ИНАЛКО во Париз датира уште од шеесеттите години на минатиот век, а е остварена со отворањето на Лекторатот во 1973 година, како резултат и на договорот за меѓуинституционална соработка меѓу УКИМ и ИНАЛКО. Од тогаш, со заеднички вложувања на МСМЈЛК при УКИМ и ИНАЛКО, студиите по македонистика во Париз, непрекинато се развиваат. Во 1981 година, на ИНАЛКО, веќе се воведени дипломи кои покриваат целосен курс по македонистика, а професорската Катедра за македонистички студии е отворена пред неколку години.

Студенти на ИНАЛКО се редовни учесници на школите на МСМЈЛК при УКИМ, при што дополнително се вложува во унапредување на нивните знаења од областа на македонистиката.

Минатата година, македонистиката и официјално беше препознаена како ретка научна дисциплина од страна на француското Министерство за високо образование и истражување. По одлука на научна комисија, прифатена беше иницијативата македонистиката да биде вклучена во француско-германскиот проект за мапирање ретки дисциплини во Франција и во Германија. Ознаката „ретка дициплина” гарантира: признавање, заштита, можно проширување на студиите и зачувување на македонистиката на ИНАЛКО, со неможност да се спои со други студии.

Јубилејот 50 години Лекторат по македонски јазик на ИНАЛКО обврзува да се продолжи по патот што го трасираа нашите претходници пред половина век.

Слични содржини