Приклучувајќи се кон одбележувањето на трите децении од создавањето на надворешната политика и одбраната на Република Северна Македонија, Фондацијата Конрад Аденауер ја издаде публикацијата „30 години надворешна политика и одбрана“, која вклучува и истражување. Според него, Борис Трајковски е претседателот кој граѓаните досега најмногу го ценат, а 57,1 отсто од испитаниците го отфрлаат т.н. „француски предлог“ за решавање на спорот меѓу Бугарија и РСМ.
64,2 отсто од анкетираните го поддржуваат членството на Северна Македонија во НАТО, што е сооднос 2:1 во корист на поддржувачите. Исто така, 56,2 отсто од испитаниците сметаат дека Северна Македонија е побезбедна и постабилна со членството во НАТО.
Во однос на водењето на надворешната политика и одбраната, од сите претседатели на државата, на скалата од 1 до 5 испитаниците највисоко го оценуваат вториот претседател, Борис Трајковски кој има средна оценка 4.28. Првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров има средна оценка од 4.1, третиот претседател Бранко Црвенковски е оценет со 3.02, средната оценка на четвртиот претседател на државата, Ѓорге Иванов е 3.11, додека актуелниот претседател Стево Пендаровски има средна оценка 2.81.