Најмалку 63 лица загинаа, а 182 се повредени на свадбена забава во главниот град на Авганистан, соопштија локалните власти.
„Има повредени жени и деца“, рече портпаролот на Министерството за внатрешни работи Нарсат Рахими неколку часа по моќната експлозија.
Претходно, авганистанското Министерство за внатрешни работи објави дека експлозијата се случила во 10.40 часот по локално време во саботата во една од свадбените сали на еден хотел во Кабул. Според очевидци, во тоа време биле на стотици луѓе. Радикалното талибанско религиозно движење, кое стои зад повеќето бомбашки напади, негираше вмешаност во крвавиот злостор.