Мојата ќерка има 2 години и 2 месеци. Оваа есен почна да оди во градинка. Државна градинка беше нашиот избор од финансиски и патриотски причини. Ние сме од оние будали кои веруваат дека системот/државата/татковината/мајковината ќе функционира (а и ние во него) ако му помогнеме. Му помогнавме. И ни се расплака мајката.

Класично, една недела во градинка – 3 недели дома. Немаме голем избор за логистичка помош, т.е. немаме многу баби на располагање, а немаме ни средства за да плаќаме жена или приватна градинка. Од друга страна, секое разболување на детето не’ чини сериозни пари, нерви, стрес и време.
Па така, за месец февруари, кога ќерка ни одеше точно 4 дена во градинка, уредно плативме 1500 денари за градинка и 6500 денари за брисеви, аспирации, инхалации и лекарства (за сите тројца, бидејќи кругот е мал, а во него сме сите). Во март поминавме подобро. Цели 5 дена во градинка и 5000 за брисеви, аспирации, инхалации и лекарства.
Одлучивме (со кнедли во грло и госпОнапомош), од април повторно да ја пратиме во градинка. Понеделникот беше ок, за во вторникот да ми се јават панично во 11 ч. и да ми кажат дека ќерка ми има страшен осип и црвенило, многу се чеша и е вознемирена. Веднаш заминавме од работа и јас и сопругот, за половина час бевме во градинка, не’ пречека воспитувачката и ни кажа дека црвенилото се намалило, но дека детето е уште вознемирено. Прашав што јадела.
Ми кажаа тарана и сирење, сокче и смоки. Тарана и сирење имаат регуларно на менито, кое е уредно истакнато пред влезната врата, но никогаш не прочитав дека им даваат смоки. Ми кажаа дека се исфрлила после неколку парчиња смоки. Прашав зошто им даваат смоки, ми рекоа дека: “децата си носат од дома и си се частат.” Децава инаку имаат по максимум 2 и пол години, едвај зборуваат, ама ете – можат сами да си спакуваат смоки во торбичките за во градинка и да се почастат со другарчињата. Океј.
Отидовме кај матичниот педијатар. Веднаш ни кажа дека е реакција на храна, ја прегледа, и’ даде летизен и ни кажа доколку е во ред, денес да ја однесеме повторно во градинка. Црвенилото не се појави пак и денес повторно ја однесовме во градинка.
Кога отидовме да ја земеме, не пречека воспитувачката и ни кажа дека детето цел ден има зелен слуз од очињата. Двете очиња и’ беа полузатворени, црвени и загноени. Ми рече дека тоа е “најверојатно од промаја, ако сме ја возеле со отворени прозори во кола”. Секако дека не ја возиме на промаја, но ок. Дополнително, за вчерашната случка со осипот, воспитувачката ми даде нова верзија, според која, детето се исфрлило пред да касне смоки. Додека се тресев држејќи го вознемиреното детенце и слушав како ме прават будала, една баба го подготвуваше своето внуче (од групата на ќерка ми) за заминување. Целото лице на детето беше намачкано со нешто бело. Прашав што му е, а бабата ми кажа дека има некаква инфекција и дека тоа е некаква маст која што им ја препишал доктор. ИНФЕКЦИЈА, реков. Па зошто го носите детето во градинка?! Па ништо не му е, ми рече бабата и продолжи да го облекува. “Најверојатно му е од новата цуцла.”
Ова не е прв пат како среќавам деца со некави инфекции, зелени мрсули, раскашлани и болни низ градинката.
Неколку пати реагирав кај воспитувачките, но за џабе.
Од друга страна, секогаш кога ја враќавме ќерка ми после некое од стоте боледувања во градинка, носевме потврда од педијатарот и потврда за уредни наоди од брисеви,
Откако си заминавме бесни и вознемирени од градинка и завршивме со повторна посета на педијатарот (констатираше инфекција на очите која е лесно пренослива) и аптека, се јавив кај заменичката на директорката на градинката. И’ кажав дека искрено очекувам да посериозно да поведат сметка за тоа што се случува во градинката и за тоа дека упорно дозволуваат носење на очигледно болни деца во градинка.
Она што таа ми го кажа ме фрапираше и дополнително ме убеди во одлуката да ја отпишам ќерка ми од градинка.
Ми кажа дека постојат случаи кога таа и персоналот на градинката се комплетно немоќни пред силеџиите од родители, кои буквално, со туркање им ги тутнуваат децата, дека се случувало, особено во зима, да ги маскираат до толку децата, за да не им се забележат мрсулите или гнојот во очите. Дека покрај ИДИОТИТЕ ОД РОДИТЕЛИ (ПРОСТАЧИНИ БЕЗ ЕЛЕМЕНТАРНА СОВЕСТ, КОИ СЕТО ЗНАЕЊЕ ЗА ЗДРАВЈЕТО ГО ТЕМЕЛАТ НА ИНТЕРНЕТ ФОРУМИ), постојат и педијатри (ГНАСИ, МОНСТРУМИ), кои издаваат лажни потврди за здравствената состојба на децата.
Ве молам, поштедете ме од коментари од типот “така се стекнува имунитет”, “секаде е така”, и слично.
Ова го пишувам за да алармирам дека проблемот во државните градинки, сепак не е единствено во лошата инфраструктура, малиот број на персонал, огромниот број на деца и така натаму.
Проблемот е во НЕСОВЕСНИТЕ родители. И за нив треба да има санкции.
Фејсбук статус на Соња Исмаил Огненовска