Од Институтот за трансфузиона медицина информираат дека се обезбедени вкупно 802 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со Ковид-19, од вкупно 729 донори.
Обезбедени се вкупно 802 единици конвалесцентна плазма, а досега се третирани 661 пациент, вели Институтот за трансфузиона медицина.
Од почетокот на коронакризата во земјава регистрирани се 88.938 лица, оздравеа 73.601, починаа 2.702, а активни случаи се 12.635.
– Да им помогнеме на лицата кои се борат со коронавирусот, да донираме конвалесцентна крвна плазма, апелираат од Институтот за трансфузиона медицина до сите оздравени пациенти кои имале Ковид-19. Преку даруваната конвалесцентна плазма, антителата на оздравените пациенти се користат во сузбивање на болеста кај друго лице со Ковид-19.
Лицето дарител на конвалесцентна плазма треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од Ковид-19 и да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест за потврда дека нема присуство на вирус, информира Институтот за трансфузиона медицина.