73% од граѓаните се за ЕУ, но со „добро око“ гледаат кон ТУРЦИЈА и КИНА: „Во Македонија има малку дебата за тоа што значи Унијата“

од Nikola Popovski
286 прегледи

Иако споредено со претходните истражувања за поддршката за членство на Република Северна Македонија во ЕУ има благ пад во процентите, високи 73 отсто од граѓаните се за европска интеграција, покажува анкетата на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во земјава.

Анкетата покажа дека и дека 87 отсто од македонските граѓани се согласуваат, или донекаде се согласуваат, дека силните односи со Турција најдобро и служат на интересите на земјата. Шеесет и пет проценти истото го мислат за Кина. Овие бројки претставуваат мало зголемување од претходното истражување на ИРИ за двете земји.

Андреја Стојковски од Институтот Преспа наведува дека перспективата за членство во ЕУ е нарушена и во анкетата на ИРИ има и други податоци кои што се индикатори за севкупното расположение.

Андреја Стојковски

-На пример за должината која што треба да помине до пристапувањето конечно во ЕУ или прашањето која што се однесува на тоа дали сега е поблиска со ЕУ или била поблиска кога го добила кандидатскиот статус. Тоа се два индикатори кои зборуваат за нарушената перспектива и токму поради тоа се намалува процентот на поддршка меѓу граѓаните на општото прашање колку ја поддржувате земјата да стане членка на Унијата, вели Стојковски за „Локално“.

Според него, од друга страна ако се погледне соодносот меѓу ЕУ и другите алтернативи, тогаш повеќе од јасно е дека нема друга алтернатива, барем по однос на поддршката.

-Со ова прашање и овој процент, веројатно се движиме во границите на некоја поразумна цифра на поддршка, сепак станува збор за 73% од анкетираните испитаници, коментира извршниот директор на Институтот Преспа.

Околу поддршката за Турција и Кина како странски фактори која е зголемена споредено со претходно, Стојковски вели дека е веројатно поради недостатокот на сериозно водство во рамките на Унијата и поради напливот на лажни и погрешни информации поради зачестените недостатоци и пропусти кои ги видовме за прости прашања, но во круцијални моменти“.

-На пример, справувањето со ковид-кризата и поддршката со вакцини. Генерално тоа е мотивот зошто граѓаните се вртат кон некакви т.н. традиционални партнери, иако не можеме да кажеме со сигурност дека станува збор за традиционални партнери, заклучува соговорникот.

Според професорот и член на Европскиот совет на С. Македонија, Ризван Сулејмани тоа докажува дека ние сме се уште далеку од Европската Унија. Тој во разговор за „Локално“ вели дека „високата проевропска стапка не значи дека ние сме блиску до Унијата, туку напротив кај нас малку има отворена дебата за тоа што значи ЕУ“.;

Ризван Сулејмани

-Има едно непишано правило – што поблиску се земјите за да станат членки на ЕУ, процентот опаѓа и на крајот се доаѓа до ситуација да се бориме за 51% од населението да прифати. Со приближувањето, државите го сфаќаат начинот на сфаќање на ЕУ, дека илузијата или митот дека таму се е сјасно и сите проблеми ќе се решат придонесува до национална основа на избор меѓу две можности, посочи Сулејмани.

Професорот потенцира дека „високиот процент за ЕУ значи дека или никој не дебатира или никој ништо не размислува“.

-Така да не е многу тоа за фалење. Јас истото ова го правев како политичар и тогаш токму ова ми го рекоа или немате дебата или никој ништо не размислува, што ова второто не може да се каже дека е точно – што значи дека немаме дебата. Ние фактички сега сфаќаме што значи ЕУ и кој е тој пат кој треба да го изодиме. Тој пат не е лесен и нормално дека опаѓа ентузијазмот за ЕУ. По мене и овие 73% се високи, што значи далеку е ЕУ во моментов за нас, оценува Сулејмани.

Тешко е за обичниот граѓанин да се препознае која е ЕУ, смета соговорникот. Вели дека „ако се направи анкета кој е Борел, која треба да ја претставува надворешната политика, никој нема да знае која е неговата функција“.

-Затоа граѓаните ја препознаваат Германија, а не ЕУ. Нормално ја препознаваат Турција или Русија и се со многу појасна слика отколку ЕУ и кој е тој што зборува во име на Унијата. Турција и Кина се многу полесно препознатливи наспроти ЕУ која има многу актери, а не се знае кој ги претставува. Имаш многу телефони, а не знаеш кој е единствениот и вистинскиот, истакнува Сулејмани.

Додава дека на ова придонесува и нејасниот став на Унијата за многу прашања, а големи очекувања на нашата земја.

-Ние промовираме големи очекувања од неа дека се ќе решаваме, а за возврат што добиваме – во време на пандемијата не добивме ништо конкретно, дури и од НАТО. Еве сега и со бомбите, освен што ги повикуваат своите граѓани да бидат внимателни во Скопје зошто е опасно, граѓаните не чувствуваат дека добиваат нешто конкретно од тоа приближување. Многу е појасна сликата кога ќе пристигне нешто од Турција или Германија отколку од ЕУ. Тоа е проблем на Унијата да гради свој идентитет, посочува професорот.

Н.П.

Слични содржини