Нов обид за формализација на сивата економија за да се намали бројот на оние кои работат на црно, а се проценува на 85 илјади. Од вчера во сила е законот за сезонски работници. Вработени, невработени, ученици, студенти, пензионери ќе можат да работат без да ги загубат веќе стекнатите права. Од 1-ви во сила и новиот закон за поддршка на инвестициите.
Според министерот за економија, Бесар Дурмиши, ова претставува удар врз сивата економија, а поддршка на формалната економија. Според податоците кои ги презентираше министерот, во земјава има приближно 85.000 неформално ангажирани работници. Новиот закон треба да смени оваа слика, особено во секторите каде што работата „на црно“ е најизразена – земјоделството, туризмот и угостителството.
„Законот за ангажирање со работа на лица создава можности за легално, флексибилно и поедноставено вработување за сезонски и повремени работници, гарантирајќи плаќање на придонеси и целосна заштита на нивните права.
Законот за финансиска поддршка на инвестиции нуди конкретна поддршка за компаниите кои инвестираат, отвораат нови работни места и ги зголемуваат приходите.
Со овие реформи, ја сузбиваме сивата економија и градиме посилна, поправедна и поодржлива формална економија за сите“, порача, меѓу другото, Дурмиши на денешната прес-конференција.