Програмер, информатичар, градежен инженер, машински инженер, ракувач со градежни машини, градежен работник, возач (на камион, на товарно возило), готвач, келенер, заварувач се само дел од занимањата кои се најбарани на пазарот на трудот, а работадавачите имаат одредени потешкотии додека го обезбедат соодветниот кадар велат од Агенцијата за вработување на РСМ за „Локално“.
-Како најчести причини со кои работодавачите се соочиле со потешкотии при обезбедување на кадар се недостаток на кандидати кои поседуваат практични знаења и вештини потребни за извршување на работните задачи во конкретното занимање, недостаток на кандидати за вработување со соодветно работно искуство; недостаток на кандидати со соодветно образование, недостаток на кандидати кои би прифатиле работа за понудената плата и сл, објаснуваат од АВРСМ.
Оттаму велат дека при вработување на работници за одредени занимања работодавачите ја нагласуваат потребата од кадар со работно искуство,додека пак во однос на потребата од дополнителни знаења и вештини, особено при вработување на кадар со високо образование, работодавачите ја нагласуваат потребата од познавање на странски јазици, одлично познавање на работа со компјутери и поседување на соодветен сертификат за стекнатите знаења.
Обуките за подобрување на вештини
-Агенцијата за вработување на РСМ секоја година имплементира годишни оперативни планови за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот. Тие содржат активни програми и мерки кои водат до директни вработувања и мерки кои ја зголемуваат вработливоста на невработените лица.Оперативните планови се креирани согласно потребите на невработени лица и работодавачите со цел да се унапреди состојбата на пазарот на трудот, посчуваат од АВРМ.
Од Агенцијата нагласуваат дека дел од Оперативниот план за вработување за 2021 година се и обуките кои имаат за цел да ги подобрат вештините и квалификациите на невработените лица за нивна поуспешна интеграција на пазарот на труд.
-Невработените лица (активни баратели на работа) евидентирани во АВРСМ преку Оперативниот план за вработување за 2021 година имаат можност да се вклучат во Обуките на работно место за познат работодавач, Обуките за стручни квалификации според барање на работодавачите, Обуките за побарувани занимања, Обуките за возачи за Ц и Д категорија како и Обуките за развој на дигитални вештини кои најчесто се најатрактивни за младите лица, информираат од АВРСМ.
На пазарот на трудот секогаш се барани бравар, монтер, заварувач….
-Врз основа на огласените пријави за потреба од работници, работодавачите искажале потреба за работници од следните занимања: програмер, информатичар, комерцијалист, администратор, административен службеник, продавач, шивач, келнер, готвач, градежен работник, тесарски работник, армирачки работник, општ работник, возачи (на товарни возила, на камиони, на такси) и др. На пазарот на трудот секогаш се барани работници од занимањата бравар, монтер, заварувач, аргон заварувач, ѕидар, лимар, пекар и др., велат од Агенцијата.
Според спроведените Анкета за потреба од вештини на пазарот на трудот од АВРСМ информираат дека најголем број вработувања се очекуваат во преработувачката индустрија, 47,1% од вкупно планираните вработувања, потоа во трговијата на големо и трговијата на мало, каде се очекуваат 22,1%, во градежништвото каде работодавачите од оваа дејност планираат 7,6%, потоа во дејноста административни и помошни услужни дејности каде се очекуваат 5,5% од вкупно очекуваните вработувања.
853 магистри на наука и 27 доктори на наука чекаат вработување
Заклучно со 31.05.2021 година во АВРСМ евидентирани се 143 390 невработени лица- активни баратели на работа, од нив според школска подготовка:
-55.2% (79138) се без образование и со основно образование
-9,8% (14042) се со непотполно средно образование.Со непотполно средно образование (средно стручно) евидентирани се невработени лица од профилот продавач, бравар, машино бравар, конфекционер, готвач, автомеханичар, келнер и други.
-25,7% (36821) се со завршено средно образование .Со завршено средно образование евидентирани се невработени лица од профилот матурант од гимназија, економски техничар, матурант од гимназија –хуманитарно подрачје, машински техничар, потоа, конфекциски техничар, земјоделски техничар, матурант од гимназија -математичка гимназија, медицинска сестра, прехранбен техничар и др.
-0,9% (1260) се со више образование. Со високо образование евидентирани се невработени лица од профилот: дипломиран економист, дипломиран правник, професор по одделенска настава на македонски јазик, професор по одделенска настава на албански јазик, дипломиран психолог, дипломиран социјален работник и други.
-8,5% (12129) се со високо образование (вклучително 853 магистри на наука и 27 доктор на наука).Од магистрите на наука во евиденцијата на невработени лица евидентирани се лица од различни профили на образование меѓу кои магистер по правни науки, потоа магистер по економски науки, магистер по право од областа -казнено право, магистер по фармација, магистер инженер архитект, магистер по политички науки и др.Од докторите на наука во евиденцијата на невработени лица евидентирани се од профилот доктор по економски науки, доктор по филолошки науки, доктор на науки од областа на безбедност, доктор на политички науки, доктор по историски науки и други.
Б.М.