Од 21:00 часот вечерва, па сѐ до 05:00 часот во понеделник Куманово ќе биде во карантин, соопшти потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири.
Преку недела карантинот во Куманово ќе биде во сила порано отколку другите градови, каде вообичаено од 16:00 до 05:00 часот.
Општинскиот кризен штаб на денешната седница побара карантин за општина Куманово со посебни протоколи за влез и излез.
– Бараме од Влада мерка изолација (карантин) на град Куманово со точно утвредени протоколи за однесување на институциите, граѓаните и правните субјекти со контролни пунктови на влезови и излези во градот и засилени поригорозни мерки за ограничувања, соопштија од општинскиот кризен штаб.
Штабот бара од МВР да врши постојан увид и контрола во состојбата на почитување на мерка за собирање групи и движење на граѓани со запазување на минималното растојание од два метри на кејот, градскиот парк, плоштадот, соколана и парк кај градскиот базен.
Од општинскиот кризен штаб информираат и дека несовесни кумановци украле уред за прскање, а еден оштетиле.
– Вчера е оштетен уред за прскање на средства за дезинфекција на возилата на локација Средорек (улицата.„Доне Божинов“) и украден е уред за прскање на локација меѓу улиците „Биљановска“ и „Народна револуција“. Апелираме за совесно и одговорно однесување на граѓаните кон уредите кои се користат за дезинфекција на автомобили и на јавно прометни површини, соопшти штабот.
Оттаму посочуваат дека средствата што се користат на пунктовите за дезинфекција на возилата не се штетни ниту за луѓето ниту за автомобили, и побараа од граѓаните да ги отстранат, непрописно паркираните возила на јавно променти површини за да може непречено да се врши дезинфекција на отворено.