„Во градот каде што смртноста од вирусот е 20% од бројот на заразени, ова е највисоко ниво на неодговорност. Сега ниту една мерка нема смисла. Ќе има одговорност!“, реагира вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи на денешниот верски собир во Струга.

Тој објави фотографија од стотици верници кои заедно со свештениците, без дистанца и заштитни маски се движеа денеска по улиците на Струга учествувајќи во традиционалната религиска литија.

СДСМ вечерва побара одговорност од „неспособниот и неодговорен технички министер за внатрешни работи“ Наќе Чулев, односно да поднесе оставка затоа што го загрозува здравјето и безбедноста на граѓаните.
„Денеска, јавноста беше сведок на масовно прекршување на забраната за групни собири во Струга. Стотици граѓани без заштитна опрема, без соодветна дистанца масовно се движеа низ Струга, а полицијата беше прустуна на настанот и воопшто не реагираше. Наместо предупредување, укажување и спречување на масовен собир во услови на опасна здравствена пандемија, полицијата иако присутна на настанот, не само што не реагираше, туку немо го следеше прекршувањето на забраната“, велат од СДСМ.