
Обединета, Русија е „непобедлива“, рече Владимир Путин во Москва денес на 75-годишнината од крајот на Втората светска војна, на скромна церемонија поради пандемијата „Ковид-19“.
„Знаеме и цврсто сме убедени дека сме непобедливи кога сме обединети“, рече Путин пред Кремљ каде се наоѓа споменикот на непознатиот јунак во краток говор во чест на победата над нацистичка Германија, која ја нарече „света“ за Русите.
Шефот на руската држава во никој случај не алудираше директно на пандемијата што го принуди да се откаже од традиционалната воена парада на која требаше да присуствуваат странски лидери и дека Русија ќе има можност да ја покаже својата нова геополитичка моќ.
Путин вети уште еднаш, без да го спомне коронавирусот, дека земјата последователно „соодветно“ ќе ја одбележи победата над нацистите.
Тој им оддаде почит на 27 милиони советски граѓани убиени во Втората светска војна и на воените ветерани.
„Тие ја спасија татковината и животот на генерациите што следуваа, тие ја ослободија Европа, го бранеа светот“, рече тој.
„Нашите ветерани се бореа за живот против смртта, нивната солидарност и решеност ќе останат наш пример засекогаш“.
„Ние се поклонуваме на оние кои не се вратија од војната“, рече Путин, повикувајќи на минута молчење во нивна чест.
Претходно, Путин клекна и положи цвеќе пред Вечниот пламен, споменик на непознат војник пред црвените sидови на Кремљ, а војниците кои го придружуваа одржуваа физичка дистанца.
Рускиот претседател веќе неколку недели работи во неговата резиденција во предградието на Москва, откако стапија во сила мерките за изолација.
Церемонијата ја одбележаа само припадниците на Воздухопловните сили, десетина борци, авиони за извидување и снабдување и хеликоптери што летаа над Москва.
На небото над Црвениот плоштад, ексадрила нацрта руско знаме со обоен чад.