
Претседателот на Соединетите држави, Доналд Трамп изјави дека коронавирусот ќе исчезне и без да се најде вакцина, пренесува „Хафингтон пост“.
„За вакцините го мислам истото како и за тестовите. Оваа болест ќе исчезне без вакцина. Таа ќе исчезне и по некое време се надевам дека нема повторно да ја видиме“, рече Трамп на прес-конференција во Белата куќа, по состанокот со конгресмените од Републиканската партија.
Тој посочи дека вирусот може да се рашири некое време пред да исчезне, додавајќи дека можеби и нема, но посочи дека е целосно сигурен дека здравствените работници ќе можат да се изборат против него.
На прашањето на новинарите на што ги заснова своите тврдења дека вирусот ќе биде поразен без вакцина, Трамп рече дека се потпира на она што го вели фелата, која верува дека вирусот ќе исчезне.
Проблемот, според „Хафингтон пост“, е во тоа што никој од лекарите и епидемиолозите не го кажал тоа, а водечкиот американски експерт Ентони Фаучи неодамна изјавил дека „Ковид-19“ нема да исчезне додека не се најде научно докажана, ефикасна и безбедна вакцина.
Иако Фаучи, исто така, изјави дека тоа ќе трае околу 18 месеци, Трамп вети дека вакцината ќе биде достапна до крајот на годината.
„Лекарите ми велат дека не требаше да го кажам тоа, но секогаш го кажувам она што го мислам“, рече Трамп.
Според „Хафингтон пост“, Трамп минатата недела најави забрзување на работата за пронаоѓање на вакцината, додавајќи дека „на нацијата и е неопходна“.
Претседателот на САД, исто така, рече дека научниците се обиделе да најдат вакцина за неколку видови вируси и тие не успеале, а потоа тие вируси исчезнале сами по себе.
„И тие никогаш повеќе не се појавија, затоа што тие, како и сè друго, умираат“, објасни Трамп.