
Британскиот премиер Борис Џонсон вечерва изјави дека благодарение на рестриктивните мерки, во земјата е спречена катастрофа, каде што најлошото сценарио би било половина милион жртви, а ги најави плановите за постепено укинување на мерките за карантин.
– Не е време да се укинат карантинските мерки оваа недела. Наместо тоа, ќе ги преземеме првите претпазливи чекори за да ги измениме нашите мерки, рече Џонсон во телевизиското обраќање до нацијата.
Од утре, оние што не можат да работат од дома, ќе можат да одат на работа, а од среда граѓаните ќе можат да поминат неопределено време надвор ако се придржуваат кон мерките за социјално растојание.
– Може да седите на сонце во локалниот парк, да возите, дури и да спортувате, но само со членовите на вашето семејство, објасни Џонсон.
Училиштата би можеле да започнат со работа повторно на 1 јуни, а угостителските објекти од јули, во зависност од ситуацијата.
Тој додаде дека луѓето што доаѓаат во Британија со авион, ќе бидат испратени во карантин.
Британскиот премиер рече дека, благодарение на напорите и жртвите на сите, националниот здравствен систем бил заштитен и спасени се илјадници животи, пренесува Ројтерс.
– Би било лудило да отфрлиме сè што постигнавме и да дозволиме уште еден удар. Мора да останеме будни. Ние мора да продолжиме да го контролираме вирусот и да спасиме животи, рече Џонсон.
Тој најави нов систем за предупредување на Ковид 19 за да се следи вирусот.