
Турција воведува посебни хигиенски мерки и стандарди со цел да се подготви за враќање на туристите, изјави турскиот министер за култура и туризам Мехмет Ерсој за турскиот Си-Ен-Ен денес.
Чекор по чекор, ограничувањата за патувања во земјата постепено ќе се укинуваат од крајот на мај, рече тој, додавајќи дека постепено ќе се воведуваат меѓународни летови.
Тој објасни дека владата изготвила програма за издавање сертификати за хотели и ресторани, кои ќе треба да исполнуваат строги критериуми, од кои вкупно има 132, а кои вклучуваат почитување на хигиенските услови и социјална дистанца.
Вработените исто така ќе треба да бидат обучени за да се спречи ширењето на инфекцијата. Самоуслугата со храна и пијалок е укината. Владата објави и список на болници, со своите капацитети, кои се достапни на популарните туристички дестинации.
Туризмот е значаен дел од турската економија, а властите предвидоа пристигнување на 58 милиони гости оваа година пред пандемијата.