
Рускиот претседател Владимир Путин денеска објави дека земјата постепено излегува од рестриктивните мерки воведени како резултат на епидемијата од коронавирусот, и покрај фактот дека има повеќе од 200.000 заразени и тој број расте од ден на ден.
Во своето обраќање, Путин рече дека неработните денови поради епидемијата завршуваат на 12 мај, но дека шефовите на регионот ќе имаат право самостојно да одлучуваат за карантинскиот режим, во зависност од епидемиолошката состојба.
„Секој мора строго да ги почитува санитарните регулативи, што се однесува на компаниите, сферата на услугите, трговијата“, рече Путин.
Тој изјави дека Русија го зголемила бројот на тестови и дека ќе достигне 300.000 на ден до средината на мај и додаде дека илјадници животи се спасени благодарение на преземените мерки претходно.
Ограничувања ќе се одржуваат за лица над 65 години и за оние со хронични заболувања, а масовните собири сè уште се забранети, изјави Путин.
Денес Русија се најде на третото место во светот по бројот на заразени, по Соединетите држави и Шпанија.