Словенечката влада донесе одлука да го отвори редовниот и чартер превоз на патници на меѓународните авионски линии во рамките на ЕУ и со трети земји, но сообраќајот на словенечките аеродроми ќе започне на почетокот на јуни.
„Ја поздравуваме одлуката на владата затоа што релаксирањето на тековните мерки е од суштинско значење за авиокомпаниите да можат да планираат идни летови. Повеќето превозници ги откажаа летовите до нашиот аеродром до крајот на мај. Сепак, ние се подготвувавме за првите патници во последниве денови и за безбедно започнување на патничкиот сообраќај“, во соопштението за јавност наведува германскиот оператор „Фрапорт“, кој управува со љубљанскиот аеродром „Јоже Пучник“.
Тие очекуваат авиокомпаниите да се вратат во јуни и јули.
„Очекуваме постепено враќање на авиокомпаниите на нашиот аеродром во јуни и јули“, рече Бригита Зорц од „Фрапорт Словенија“ и додаде дека очекуваат првите меѓународни летови да се случат кога ќе се олеснат одлуките за граничните премини и влезот во земјата. Тие сепак предвидуваат седумдневна обврска за карантин. Укинувањето на овие мерки може да се случат во втората половина на мај.
Се очекува дека ќе остане во сила епидемиолошката мерка според која на патниците кои пристигнуваат во Љубљана со авион, ќе им се мери телесната температура, а во врска со тоа и со други здравствени прашања, „Фрапорт“ е во контакт со словенечкото Министерство за здравство.