
Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел денеска повика на независна истрага за потеклото на коронавирусот што се појави во Вухан, Кина, на крајот на минатата година.
Тој, исто така, ја повика Кина да придонесе во борбата против пандемијата на коронавирусот.
„Потребна е независна научна истрага за потеклото на оваа пандемија“, рече Борел во колумната за утрешното издание на „Франкфурт алгемајне цајтунг“, пренесе Ројтерс.
Тој рече дека Кина треба да се вклучи во борба против пандемијата, пронаоѓање на вакцина и зајакнување на глобалната економија, како и давање помош на погодените земји во развој.