
Германија и Франција се согласија да поддржат план за воведување на ЕУ обврзници што ќе поддржат економско закрепнување на Унијата со дополнителни 500 милијарди евра по пандемијата КОВИД-19.
На заедничката видео-конференција, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон ги повикаа земјите-членки да се договорат, но исто така го прецизираа предлогот на Европската комисија за изнаоѓање дополнителни пари за закрепнување на економијата на ЕУ преку задолжување на пазарот на капитал со гаранции на земјите-членки.
Лидерите на Германија и Франција потенцираат дека е неопходно сите земји-членки да се договорат за овој предлог, кој вклучува и начин за враќање на новиот заеднички долг.
Во разговорите за таканаречените „корона-обврзници“ досега, Германија, заедно со Холандија и Данска, беше против овој вид заедничко задолжување, при што Хаг стави вето на првичниот предлог за обврзници.
Во заедничката изјава, Меркел и Макрон оценија дека ЕУ се соочува со „невидена криза во својата историја“, на која заеднички мора да се спротивстави и да излезе посилна од неа.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, го поздравија овој договор меѓу Германија и Франција.
Претседателот на ЕК вели дека ова е конструктивен предлог што укажува на големината на економскиот предизвик со кој се соочува ЕУ.
Таа проценува дека договорот меѓу Берлин и Париз е во согласност со предлогот за стратегијата за економско закрепнување на која работи Европската комисија, а која се заснова на итна државна помош, 540 милијарди евра заеми преку разни програми, но и претстојниот повеќегодишен буџет на ЕУ , чија рамка треба да биде усвоена следната недела во Брисел.