Директорката на лабораторијата во Вухан негира одговорност за ширење на вирусот

од Vladimir Zorba
192 прегледи

Институтот за вирусологија во Вухан, кон кој Соединетите Држави го покажува прстот како извор на ширење на инфекцијата, има три живи видови на коронавирус од лилјаци, но ниту еден не одговара на вирусот Сарс-КоВ-2, рече директорката на институтот.

Голем број научници веруваат дека новиот коронавирус бил пренесен на луѓето од животно. Таканаречениот влажен пазар во Вухан е виновен за тоа, бидејќи таму се продаваат живи диви животни.

Сепак, Институтот за вирусологија се наоѓа на неколку километри подалеку, што со месеци ја охрабрува теоријата дека вирусот избегал од таа институција.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео ја спомна истрагата на почетокот на мај за да се утврди дали оваа теорија има основа, иако досега не се појавија никакви докази.

Ванг Јанџи, директорката на институтот во Вухан, за телевизијата ЦГТН изјави дека тие сомневања се „чиста измислица“.

„Како и сите, не знаевме дека постои вирус“, рече Ванг во разговорот објавен во саботата навечер, снимен на 13 мај.

Неколку теории со кои се обвинува Институтот Вухан, кружат на Интернет последните месеци. Директорката рече дека институцијата „изолирала и добила неколку коронавируси од лилјаци“.

„Имаме три живи видови“, рече Ванг, истакнувајќи дека ниту еден не одговара на вирусот Сарс-КоВ-2. Институтот Вухан студира некои од најсмртоносните патогени во светот.

Научниците од институтот придонеле за подобро познавање на новиот вирус од почетокот на епидемијата, а нивната работа беше објавена во научно списание во февруари, потсетува Агенцијата Франс Прес.