Антикорупциска од ДПИ ќе бара вонреден инспекциски надзор за постапката за избор на ректор на УКИМ

од Берта Китинска
275 прегледи

Антикорупциската комисија ќе упати барање до Државниот просветен инспекторат (ДПИ) да изврши вонреден инспекциски надзор за примената на Законот за високото образование и Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во однос на постапката за избор на ректор на УКИМ,  за избор на претседател на Сенатот и да преземе мерки согласно своите надлежности.

Антикорупциската постапи по пријава во врска со функционирањето на Сенатот на УКИМ и најавата за отпочнување на постапка за избор на ректор на универзитетот и спроведе проверка на постапувањата на ректорот Никола Јанкуловски во однос на усогласеноста со Законот за високо образование и со Статутот на УКИМ, како и од аспект на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси дали овие активности тој ги води во ситуација што може да се оквалификува како состојба на судир на интереси.

Според пријавата до Антикорупциската, има три околности кои може да доведат до заклучок дека постои судир на интереси – ректорот постапувајќи од позиција на претседавач на Сенатот на УКИМ, презема активности за формирање Универзитетска изборна комисија за избор на ректор, со што доколку се јави како кандидат за нов мандат за ректор директно се доведува во состојба на фактички судир на интереси.

Иако Статутот на УКИМ е донесен во јуни 2019 година, досега не е спроведена постапка за избор на претседател на Сенатот, ниту, пак, е дадено право на највозрасниот член на Сенатот да ги врши работите на претседател на Сенат, што е предвидено со  член 159 од Статутот.  Постапувањата за започнување и за спроведување избор на ректор во вонредна состојба се спротивни на Уредбата на Владата од 24 март 2020 каде што се вели дека за времетраењето на вонредната состојба мандатот на членовите на органите и телата се продолжува до завршувањето на вонредната состојба.

– Ова дотолку повеќе што со Статутот на УКИМ, донесен на 28 јуни 2019 година, попрецизно се уредени постапките за избор на органите и телата на Универзитетот. Имено, со член 159 од Статутот на УКИМ претседателот на Сенатот се избира од редот на сенаторите, а до неговиот избор, работите од надлежност на претседател на Сенат ги врши највозрасниот присутен член на Сенатот. Актуелниот ректор покрај функцијата ректор, врши улога на претседавач на Сенат, користејќи ги преодните и завршните одредби од новиот закон, во смисла дека ректорите, проректорите … ја вршат својата функција до истекот на нивниот мандат, иако и со Законот за високо образование и Статутот е јасно дека тоа е нова функција, се наведува во соопштението на Антикорупциската комсија.

Во изминатите два дена Независниот академски синдикат (НАкС) и тројца проректори на УКИМ реагираа на постапката за избор на ректор што ја спроведува Јанкуловски, кој се кандидира за нов мандат, обвинувајќи го дека го крши Законот за високо образование. Тие реагираат на двојната функција на Јанкуловски, кој е и претседател на Сенатот што е спротивно на членот 96 од Законот.

Постапката за избор на нов ректор на УКИМ почна во март со онлајн-седница на Ректорската управа, а продолжи вчера со предлог-одлука на дневниот ред за начинот на спроведување на тајното гласање за формирање на Универзитетска изборна комисија.

Од НАКС велат дека ако одлуката се усвои, не е јасно како ќе се спроведе тајното гласање зашто според нивните сознанија, немаат лиценциран софтвер кој ќе гарантира точност и тајност на гласањето.

Слични содржини