
Европските влади решија да престанат со употреба на хидроксихлорокин, лек против маларија, во третманот на пациенти со коронавирус, што е уште еден удар за пристапот за кој се залагаше американскиот претседател Доналд Трамп.
Одлуките донесени од Франција, Италија и Белгија следеа откако Светската здравствена организација (СЗО) во понеделникот донесе одлука од безбедносни причини да престане да го тестира ефектот на хидроксихлорокин, пренесува Хина, повикувајќи се на Ројтерс.
Британската агенција за лекови во средата објави дека нивното одделно тестирање сега е стопирано, помалку од една недела откако започна. Истражувањето, спроведено од Универзитетот во Оксфорд и делумно финансирано од здружението Бил и Мелинда Гејтс, требаше да опфати до 40.000 медицински персонал.
„Сите истражувања за влијанието на хидроксихлорохинот врз КОВИД-19 ќе останат под внимателен преглед“, изјави за Ројтерс агенцијата за лекови и регулаторна медицина (МХРА), додавајќи дека сите кои се вклучени во овие студии ги проценуваат сите можни ризици.
По првичните индикации дека лекот може да биде корисен за пациенти со коронавирус, американскиот претседател Трамп стана постојан поддржувач на неговата широко распространета употреба, потврдувајќи дека тој самиот зема хидроксихлорохин „за да спречи инфекција“.
Но, неодамнешните студии покажаа дека постојат причини за претпазливост, а британскиот медицински магазин „Лансет“ објави дека има случаи во кои пациенти кои го земаат лекот имаат зголемен ризик од смрт, а некои од нив имале опасни нарушувања на срцевиот ритам.
Медицинските установи во Италија и Франција предупредуваат дека хидроксихлорохинот не треба да се користи, освен во случај на клинички испитувања, а белгискиот регулатор повика сите можни ризици да бидат земени во предвид при можна употреба.