Учебната 2019/2020 година ќе заврши со онлајн-настава согласно со одлуката на Владата учениците да не се враќаат во клупите до 10 јуни. Од затворањето на училиштата и факултетите на 11 март, предизвикот беше како да продолжи наставата од далечина и да ја замени формалната и во овие речиси три месеци учениците и наставниците се приспособуваа за е-учење. За образованието јуни е месец на испити и уписи. Државна матура за оваа генерација ќе нема, но претстои јунската испитна сесија за студентите и уписи за идните средношколци за кои роковите нема да се менуваат.
Министерот за образование и наука Арбер Адеми е задоволен од преземените мерки со кои се овозможи непрекината настава во услови на пандемија, кои беа и правно регулирани со донесените уредби со законска сила. Во интервју за МИА Адеми вели дека се максимално посветени и се разговара за прашања како би постапиле ако се соочиме со исти или полоши околности од септември, на почетокот на наредната учебна година.
-Генерално, ако имаме иста ситуација, исти околности, можеби ќе се соочиме со исти мерки или ќе размислиме во насока на реорганизирање или поинакво организирање и реализирање на наставата во училишните клупи, рече Адеми.
За претстојните испити во јунската сесија вели дека ги оставаат универзитетите сами да оценат и изберат дали на нивните факултети има услови за организирање испити со физичко присуство на студентите, притоа доследно да ги почитуваат препораките за заштита на јавното здравје.
– Намерно им оставивме флексибилност на универзитетите, базирајќи се и на нивната автономија. Силно веруваме дека секој универзитет, секоја единица, академската заедница, ќе пристапи одговорно кон ова прашање, додава Адеми.
Во интервјуто за МИА министерот соопшти дека деновиве на владините седници ќе се разгледува Предлог-одлуката за уписите за високо образование, треба да се прецизира уредбата за доделување ваучери за ученици и студенти од третиот пакет мерки од КОВИД-програмата на Владата (Уредбата за платежната картичка беше усвоена завчера), а за претстојните уписи во средните училишта рече дека ќе нема одложување на роковите утврдени во Конкурсот, но дека за спроведувањето на уписите се подготвени протоколи со мерки за заштита, исто како и протоколи за испитите што ќе се организираат на високообразовните установи.
– Протоколите се веќе разгледани и усвоени од Комисијата за заразни болести и се проследени до Владата. Очекувам на првата седница што ќе ја имаме, тие да се усвојат, додава Адеми.
Учениците ја завршуваат годината со учење и испрашување од далечина. За онлајн-наставата ја промовиравте и националната платформа Eduino.gov.mk, која и без вонредната состојба, МОН во партнерство со УНИЦЕФ ја имаше планирано за до крајот на годинава. Стигнуваа ли до Вас во изминатите два и пол месеца реакции за нејзината ефикасност. На пример, за средно образование имаше забелешки дека не е покриено со снимени лекции колку што има за основно.
– Навистина сум горд што за краток период реагиравме ефикасно и експедитивно и воспоставивме прва унифицирана национална образовна платформа Eduino.gov.mk каде се прикачуваат и се прикачени голем број лекции од активни наставници во основно и во средно образование, а е проширена и со видеолекции наменети за деца од претшколска возраст.
Почнавме веднаш со основно имајќи предвид дека предизвиците се поголеми во основното образование, како и возраста на учениците кои се помали. За средното образование истото упатство го доставивме до сите наставници и училишта и лекциите се снимаат и прикачуваат. Очекувам дека целиот процес во наредниот процес ќе се заокружи.
Таа платформа ќе ни служи и во редовни околности. Секако, за да имаме поквалитетна национална платформа цело време треба да се апдејтира согласно со наставните програми, евентуалните промени на наставните програми и содржини.