
Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска треба да се сретне со американскиот секретар за правда Бил Бар во Овалната канцеларија зад затворени врати, по насилните протести за време на викендот поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој почина за време на полициско апсење во Минеаполис.
По средбата со Бар, Трамп треба да разговара со гувернерите, членовите на полицијата и службениците за национална безбедност.
Демонстрациите од Вашингтон до Лос Анџелес ескалираа од мирни протести до насилни што доведоа до акции на припадници на Националната гарда во најмалку 15 држави и Вашингтон.
Десетици градови низ Соединетите држави се соочија со воведување на полициски час во немири без преседан од 1968 година, кога беше убиен активистот за граѓански права Мартин Лутер Кинг Џуниор.
За време на протестот, се појавија пожари во близина на Белата куќа, а продавници беа ограбувани во Њујорк и другите големи градови.
Смртта на Флојд е последна во низата слични инциденти во кои се вклучени невооружени Афроамериканци последниве години, поради прекумерна полициска сила и расизам.
Тоа предизвика бес на расно поделената земја само неколку месеци пред претседателските избори на 3-ти ноември, соопшти агенцијата.
Трамп не даде никакви јавни изјави за растечката криза, но тој напиша голем број твитови, во кои ги опиша демонстрантите како „бандити“ и ги повика градоначалниците и гувернерите „да дејствуваат цврсто“.
Тој се закани и дека ќе ја користи американската војска, но неговиот советник за национална безбедност вчера изјави дека администрацијата сè уште нема да воведе федерална контрола над Националната гарда.