БДП на Франција падна за 11 отсто: „Вирусот нè погоди тешко“

од Vladimir Zorba
172 прегледи

Активностите во француската економија веројатно ќе паднат за 11% оваа година заради кризата предизвикана од коронавирусот, а се очекуваат дури и потешки денови додека не се смири ситуацијата за една година, рече во вторникот министерот за финансии Бруно Ле Мер, цитиран од Хина.

Во Франција, едни од најстрогите европски мерки беа воведени против коронавирусот кон средината на март, а ублажувањето започна едвај на 11 мај. Кафулињата, баровите и рестораните можат да се отворат за редовно работење од вторник.

„Вирусот нè погоди тешко. Презедовме ефикасни мерки за да го заштитиме здравјето на Французите, но практично ја запревме економијата три месеци“, рече Ле Мер.

„Ќе го платиме тоа со опаѓање (на БДП)“, рече тој, додавајќи дека подготвената ревизија на буџетот предвидува 11 отсто намалување на БДП. Претходно беше проценет пад од осум проценти.

Додека денес повторно се отвораат околу 300.000 кафулиња, барови и ресторани, Ле Мер најавува дека до крајот на годината ќе бидат достапни донации од владиниот фонд за солидарност за да им помогне на деловните субјекти да ги покријат фиксните трошоци.

„Најтешкиот дел е сè уште пред нас, во социјална и економска смисла“, рече Ле Мер.

Владата се обидува да спречи серија банкротства во малопродажбата, барајќи купувачи за големи ланци за облека што вработуваат илјадници луѓе, изјави францускиот министер за финансии.

Претходно, тој најави поддршка за туристичкиот сектор и автомобилската индустрија. Тој рече дека мерките за авијациската индустрија се подготвуваат за следната недела и треба да следи помош за стартапите и градежните фирми.