Над 90 проценти од сега новодијагностицираните се во рамките на познати кластери, заболени и трансмисија на вирус настаната на семејни настани кога се прекршиле тие правила за масовни собири и не се носеле маски и овие дополнителни рестриктивни мерки се само да се заштити и останатото население. Инсистирам да има строга контрола за да се утврди дали се почитуваат овие рестриктивни мерки заради тоа што увидовме дека токму непочитувањето е причина за ова што сега ни се случува.
Ова денеска го истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој посочи дека вчера донесените мерки се само дополнување на тие што веќе се имплементираат, а врз основа на деталната анализа на новодијагностицирани случаи од каде потекнуваат, како и времето од кога тие потекнуваат.
– Веќе интензивно се работи на терен со групите, кластерите, познати се семејствата и времето во кое имало трансмисија на вирусот и како надополнување на тоа во смисла на заштита на пошироките подрачја во кои тие луѓе живеат, се донесе одлука по препорака на Комисијата за заразни болести да има рестрикција во движењето. Ова сериозно ќе придонесе да се намали ризикот од ширење на вирусот и ќе има една комплетна поинаква слика некаде при крајот на оваа недела, рече Филипче.
Тој упати апел до надлежните институции кои треба да контролираат и санкционираат и посебно тоа да биде силно изразено на терен.
– Ние апелиравме и на еден заеднички состанок со претставници на МВР вчера на Комисијата за заразни болести, посебно имајќи предвид што овие новозаразени се во време кога имало рестриктивни мерки, кога имало забрана за масовни собири, кога имало препораки за носење заштитни маски и ништо од тоа не се почитувало, потенцира Филипче.
Упати благодарност до граѓаните кои, како што посочи, беа совесни, се придржуваа на мерките, така треба да биде и да остане.
Сите ние, нагласи Филипче, треба да дадеме пример како треба да се однесуваме и на нашите деца и на помладите и на сите во општеството, сите назначени функционери кои имаат свои фокус групи на кои може да влијаат, сите верски лидери, сите менаџери во компании, бизниси итн.
– Сите кои имаат влијание на луѓето мора со свој пример тоа да го кажат заради тоа што тоа е нашата реалност, тоа е нашиот нов живот не само кај нас, туку секаде во светот, додаде Филипче.