Брнабиќ за Косово: Не сме ниту милиметар поблизу до компромис

од Stefanija Kuzmanovska
124 прегледи

Сè додека Приштина е заробена во минатото и одбива да ја прифати реалноста каква што е, нема да можеме да истапиме и да направиме нешто добро за иднината, смета српската премиерка Ана Брнабиќ, пренесува „Мондо“.

Брнабиќ додава дека Белград е стабилен и предвидлив партнер, но тоа само по себе не е доволно за да се најде решение.

Одговарајќи на прашањето на „Блиц“, кога можеме да очекуваме решение за косовскиот проблем, Брнабиќ потсети дека досега имало многу рокови, лицитации со датуми, и запраша „и, каде сме денес?“.

„Поминаа сите тие датуми и рокови, а ние не сме ниту еден милиметар поблизу до компромис отколку што бевме пред неколку години“, рече Брнабиќ.

На прашањето што очекува од новата влада во Приштина, премиерката рече дека воопшто нема очекувања од тамошните политичари и дека ќе ги има доколку ги спроведат и ги почитуваат претходно преземените обврски.

„Во Приштина со години слушаме слична реторика, истите методи, само различни имиња кои водат иста политика“, рече Брнабиќ во интервјуто за денешниот број на „Блиц“, потенцирајќи дека таа смета дека мора да се продолжи дијалогот и да се продолжи да се бара компромис, без оглед на сето тоа.