Интервју Најчевска: Пандемијата нема да не научи на соживот, оваа криза само ќе ги продлабочи разликите

од Берта Китинска

На секој политичар принципите мора да му бидат однапред поставени, видливи и јасни за граѓаните. Нивното почитување и постапувањето согласно истите е едно од основните мерила на одговорноста.  Кога зборуваме за вредносен систем и основни принципи, секое решение едноставно треба да се вклопи во нив, затоа што некој дошол на власт тврдејки дека може да направи промена токму во насока на конкретни вредности и принципи, вели во интервју за Локално Мирјана Најчевска доктор по правни науки и редовен професор и научен советник во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ.

На прашањето дали оваа пандемија ќе не научи на соживот, таа вели дека ваквиот вид на криза само може да ги продлабочи разликите.

-Според мене пандемијата не може да не научи на соживот. Ваков вид кризи само ги продлабочуваат разликите, ги исфрлаат на површина меѓусебното нетрпение и непочитување на различните луѓе, ја потенцираат дискриминацијата и создаваат многу погодна почва за манипулација врз различни основи, вели Најчевска.

За можната постизборна коалиција помеѓу ВМРО-ДУИ, Најчевска ќе каже дека токму овие две политички партии имаат заеднички интереси.

-ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ се природни партнери кои имаат заеднички интереси, начин на делување и многу конкретни зделки. Мислам дека дел од неуспешноста на некои од мерките кои ги преземаше СДСМ во голема мера се должат на присуството на ДУИ во власта, смета професорката.

Уставниот суд  за време на вонредна состојба го укина Законот за спречување и заштита од дискриминација. На кој начин сега може да се штитат слободите и правата на граѓаните во однос на  дискриминацијата ?

-Прво, мислам дека самата одлука на Уставниот суд е неправна и спротивна на одредбите на Уставот. Имено, во членот 75 од Уставот на кој се повикува Уставниот суд многу јасно се определува дека во случај на повторно гласање за еден закон (кој е вратен во Собранието заради тоа што Претседателот на државата одбил да го потпише), законот МОРА да биде потпишан од страна на Претседателот доколку е донесен со 61 глас, што не значи дека не МОЖЕ да биде потпишан, доколку е донесен со потребниот број гласови согласно Уставот и законите.

Второ, укинувањето на законот не остава правна празнина во ситуација кога претходно постоел закон со кој била регулирана дадената материја. Исто како што укинувањето на било кој друг закон не би оставил ваква правна празнина. На пример, доколку се донесесе нов Законот за безбедност на сообраќајот на патишта и тој биде укинат од страна на Уставниот суд заради процедурална грешка во неговото донесување, тоа не значи дека настанува правен вакум во кој не важат сообраќајните правила и не се казнуваат сообраќајните прекршоци. Едноставно се применува последниот закон со кој се регулирала оваа материја.

Изминативе месеци беа донесени бројни уредби како и нивни измени. Дали, кога ќе заврши вонредната состојба, треба да престанат да важат и уредбите со законска сила?

-За време на траењето на вонредната состојба и по завршување на истата Собранието треба да ги контролира уредбите со законска сила. Тоа може да ги преиспитува, менува или укинува. Токму заради ова не смееше да биде дозволено нефункционирање на Собранието и отсуство на било каква контрола врз донесувањето и спроведувањето на овие уредби на Владата.

Секоја од рестриктивните мерки мора да биде во согласност со Уставот и ратификуваните меѓународни документи. Тоа значи дека рестриктивните мерки не смеат да ги надминат ограничувањата на човековите права кои се предвидени во нив и кои се соодветни за едно демократско општество.

Проблемот е во тоа што Владата почуствува потреба да побара дерогирање на дел од правата од Конвенцијата за правата на човекот, со што всушност навести таков вид ограничувања кои се спротивни на оваа конвенција.

Додека двете големи политички партии се  „препукуваат“ за датумот за избори и за тоа кој повеќе „се грижи“ за државата и граѓаните, условно кажано малите партии, како да остануваат на политичките маргини. Што треба да се смени и направи за малите партии да бидат учесници во некои процеси и носење на одлуки?

-Оваа и ваква ситуација не е присутна само во Македонија. Во голем број демократски држави се одвива сличен процес на градење дво или тропартиски систем, што ја поткопува демократијата и го дезавуира пруларитетот на политичкото здружување.

Во Македонија процесот е засилен со континуираното градење на клиентелистички однос на граѓаните кон партиите и со крајно рестриктивната и дискриминирачка изборна регулатива која максимално го ограничува  учеството на помалите партии како во процесите на избор така и во одлучувањето.

Прво што треба да биде направено е воспоставување на една изборна единица како начин на избор за парламентарните избори.

Второ, департизација на државата и сите нејзини институции, со што ќе се намали клиентелистичката поставеност на граѓаните кон партиите. Трето, развој на полипартиството како алатка за препознавање на различните потреби и интереси на граѓаните и искористување на целокупниот интелектуален капацитет во државата. Четврто, вистинска поставеност на Собранието како место за одлучување, а не негова замена со меѓупартиски преговори и договори.

Изминативе денови бележиме зголемен раст на бројот на заболени. Според вас дали вината треба да се побара во властите со рестриктивните мерки, во МВР со неказнувањето или верските водачи кои се ставија над власта?

– Според мене вината е во власта, меѓутоа на едно многу посуштинско и пошироко ниво.За ваквата ситуација виновни се сите досегашни власти кои изградија систем во кој граѓаните немаат доверба во институциите, го запоставија образованието кое создава услови во кои граѓаните донесуваат информирани одлуки, не создадоа соодветни контролни механизми кои се исклучително важни во вакви ситуации (непартиски инспекторати, полиција, судови, …), продолжија да ги користат верските заедници како сојузници во партиските борби наместо да ги третираат како здруженија на граѓаните за колективно практикување на индивидуалното право на уверување и вероисповед.

Дали оваа пандемија ќе не научи на соживот, за влијанието на загаденоста, за лажните вести…Или константно сами на себе ќе си кажуваме дека нема да не биде?

– Не. Според мене пандемијата не може да не научи на соживот. Ваков вид кризи само ги продлабочуваат разликите, ги исфрлаат на површина меѓусебното нетрпение и непочитување на различните луѓе, ја потенцираат дискриминацијата и создаваат многу погодна почва за манипулација врз различни основи.

Се донесоа сет економски мерки за помош на компаниите и граѓаните. Дали овие мерки се доволна помош и дали би требало да бидат продолжени додека не се стабилизира состојбата со пандемијата?

– Според мене во донесувањето на мерките не беа вклучени сите заинтересирани и засегнати и овие мерки се исклучително еднострани, паушални и несоодветни. Потребна е сериозна анализа од страна на експерти и вклучување на различни чинители со цел донесување на вистински делотворни мерки. Ова е работа на Собранието, а не на мала група на луѓе во која доминира големиот бизнис.

Неодамна изјавивте дека или владејачката партија ќе најде начин да го „спастри“ ДУИ, или ќе завршат како ВМРО-ДПМНЕ. По коалицијата со БЕСА и изјавите кои деновиве ги слушаме од двете партии, тој „брак“ се чини како да е пред распаѓање. Можна ли е повторно постизборна коалиција ВМРО-ДУИ?

– Не само што е возможна, туку е и многу изгледна. ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ се природни партнери кои имаат заеднички интереси, начин на делување и многу конкретни зделки.

Мислам дека дел од неуспешноста на некои од мерките кои ги преземаше СДСМ во голема мера се должат на присуството на ДУИ во власта, како елемент на континуитетот во владеењето карактеристичен за груевизмот.

Политичарите знаат да кажат дека заради донесување на политички коректни одлуки го прекршиле она што го претставувале како сопствен принцип  пред да бидат избрани на одредена позиција. Според вас дали постојат такви одлуки  кои се надвор од нечиј вредносен систем?

– Не. Компромисите се прават во границите на одредена вредносна рамка. Секое излегување надвор од таа рамка само значи или дека таа не постоела ниту во време на изборната кампања, или дека е едноставно избришана во моментот кога соодветниот политичар дошол на власт.

Принципите мора да бидат однапред поставени, видливи и јасни за граѓаните. Нивното почитување и постапувањето согласно истите е едно од основните мерила на одговорноста на еден политичар.

Кога зборуваме за вредносен систем и основни принципи, секое решение едноставно треба да се вклопи во нив, затоа што некој дошол на власт тврдејки дека може да направи промена токму во насока на конкретни вредности и принципи.

Според мене, многу погрешно се применува синтагмата на Макијавели. Воопшто не се работи за тоа дека целта ги оправдува средствата, туку дека целта ги определува средствата. Тоа значи дека, ако моја цел како политичар е владеење на правото, ниту една моја постапка, одлука или активност не смее да биде насочена кон прекршување на правото, или изведена на начин со кој се прекршува правото. Ако целта ми е професионализација на администрацијата, не смее ниту една одлука или активност да внесува елементи на непрофесионалност во истата.

Во демократијата процедурите се еднакво важни како и крајниот резултат, односно, патот мора да биде демократски изоден за да може резултатот да биде вистинска демократија.

Б.М

Слични содржини