Скопската зоолошка градина од следниот месец ќе стане дом на арктички бели волци, кои ќе пристигнат од Литванија и Германија, напишаа од Скопје ЗОО на Фејсбук.
„За првпат, Скопје ЗОО ќе биде дом на арктички бели волци. Овие волци доаѓаат од зоолошките во Литванија и Германија и се редок и загрозен вид. На возраст се од околу една година и очекуваме во Скопје да пристигнат следниот месец. Белите волци ќе бидат втор вид на ретки бели животни во скопската зоолошка по белите лавови Чака и Бела кои веќе се омилени меѓу посетителите.“, напишаа од Скопје ЗОО.
Скопската зоолошка градина повторно се отвори за посетителите од пред две недели откако беше затворена поради пандемијата на коронавирусот, а од минатата недела се отвори и новото живеалиште за фламингата.