
Надбискупот Мишел Опети потврди дека работите за реконструкција на катедралата Нотр Дам, која делумно беше уништена во пожар во 2019 година, може да започнат „во јануари 2021 година“, по завршувањето на фазата на консолидација на зградата.
„Ние ја завршуваме консолидацијата. Потоа, можеме да започнеме со работењето во јануари 2021 година“, рече тој пред новинарите на отворањето на изложбата на детски цртежи на катедралата.
„Секогаш постои неизвесност. Но, разумно е да се размислува така“, додаде тој.
Работите за консолидација на катедралата беа одложени, прво поради минатогодишните мерки против загадување со олово, со кое беше покриен изгорениот покрив, а потоа и поради лошите временски услови за време на есента и зимата. На крајот на оваа пролет, коронавирусот ја запре работата, па продолжија дури неодамна.
Францускиот претседател Емануел Макрон сака катедралата да биде отворена до 2024 година. Денес, надбискупот Опети ја благослови репликата на статуата на Мајката Божја, која беше поставена пред неколку дена.