
Посочувајќи дека нема да има брзо повлекување на американските трупи од Германија, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави денеска во Брисел дека Вашингтон сè уште не донел конечна одлука за тоа кога и како тоа би можело да се случи.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, кој претходно ја обвини Германија дека не ги сноси трошоците за својата одбрана во доволен обем, најави дека бројот на американски војници во Германија ќе се намали од 34.500 на 25.000, што, според АП, било критикувано од страна на некои претставници на неговата Републиканска партија како „подарок за Русија“ и закана за националната безбедност на САД.
„Соединетите држави јасно ставија до знаење дека конечната одлука за тоа кога и како ќе се случи тоа не е донесена“, рече Столтенберг пред новинарите, кој веќе разговарал за прашањето со Трамп и е во контакт, од истата причина, со Берлин.
„Она што е важно за мене е да се задржи убедливо одвраќањето и одбраната, како и да се одржи силна врска меѓу Северна Америка и Европа“, рече Столтенберг, потенцирајќи дека Вашингтон го зајакнал своето воено присуство во Европа и членките на НАТО во текот на изминатите години идека европските членки на НАТО издвојуваат повеќе за одбрана, пренесува Танјуг.
Американскиот амбасадор во НАТО, Кеј Бејли Хачисон изјави дека не знае дека се водат подготовки за можно повлекување на американските трупи од Германија, пренесува АП.