Владата предводена од СДСМ во изминативе три години постигна многу. Создадовме комплетно различно општество, имаме напредок на економски план, има слобода на говор и слобода на медиумите, ја остваривме визијата „Едно општество за сите. Станавме членка на НАТО, ги почнуваме преговорите со ЕУ, по овие достигнувања ќе одлучуваат граѓаните на кого да му веруваат на изборите што ќе се одржат на 15 јули, порача Андреј Жерновски, член на Централниот одбор на СДСМ, во емисјијата „200“ на ТВ Алсат.
Тој оцени дека граѓаните не му веруваат на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи оваа партија се уште ја менаџира Никола Груевски.
„Актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ не се огради од неговите политики. Сите паметиме како фнкционираше судството во негово време. Не велам дека сега е идеално, неопходни се реформи, секогаш може подобро и повеќе. Но, сведоци сме дека ВМРО-ДПМНЕ ги блокираше сите закони кои значеа реформи во судството“, нагласи Жерновски.
Тој потенцира дека СДСМ е одговорна партија, се грижи за иднината на државата и затоа се решила изборите да се одржат на 15 јули.
„Ние не можеме да чекаме да порасне рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ па да одиме на избори. Ние сме единствена земја во светот со техничка Влада и со нефункционално Собрание. Мора да функционираат институциите. Северна Македонија е членка на НАТО, почнува преговори со ЕУ и затоа беше неопходен компромис, не смееме да дозволиме избори без опозиција“, рече Жерновски и нагласи дека изборите што ќе се одржат на 15 јули ќе бидат 100 проценти здравствено безбедни.
Тој оцени дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде казнета за улогата во пандемијата, зошто бојкотираше, одмагаше, не почитуваше мерки.
„Член на Владата од ВМРО-ДПМНЕ одбива да стави потпис на проект од Светска банка вреден 90 милиони евра за борба против Ковид, само затоа што партијата тоа го наредила. Ако ВМРО-ДПМНЕ бара среќа во туѓа несреќа, како што е состојбата со коронаворусот, тоа е лоша пракса и за тоа ќе бидат казнети“, рече Жерновски.
Во однос на меѓуетничките односи, Жерновски нагласи, дека СДСМ е партија која докажала дека не ги дели граѓаните по ниту една основа. Во своите редови и на високи партиски позиции, нагласи тој, има припадници од сите етнички заедници, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ која и ден денеска промовира меѓуетнички поделби и нетрпеливост.