Две години по Преспа – СИРИЗА го потпиша, Нова демократија го почитува и спроведува

од Берта Китинска
287 прегледи

Во периодот од потпишувањето на Договорот од Преспа на 17 јуни 2018 година до денес, Грција од левичарска доби централно – десничарска влада, но со резултат, да нема никакви особени промени во однос на нашата земја.

Како опозиција, Нова демократија не го поддржа договорот, упорно тврдеше дека е спротивен на националните интереси, најавуваше дека ќе се обиде да ги ублажи последиците, а сега, две години по потпишувањето, партијата што веќе 11 месеци е на власт, го почитува, спроведува, а паралелно ја поддржува нашата земја на патот кон Европската унија.

Односите со Турција и случувањата на Еврос од една страна, пандемијата со Ковид-19, од друга страна, но и ставот дека Грција ги почитува договорите што како земја ги потпишала, резултираат прашањето меѓу двете соседни земји повеќе и да не е тема на дискусии кај јужниот сосед, јави дописничката на МИА од Атина.

Во медиумите, како во весниците, така и на телевизиите во Грција ретко постојат анализи или коментари за Договорот од Преспа, а решението меѓу двете земји го отвори каналот на комуникација меѓу Скопје и Атина, нешто што се покажа и за време на пандемијата.

Министрите за здравство се во комуникација, Венко Филипче во Атина се сретна со неговиот грчки колега Василис Кикиљас, а во изминатиот период постоеа и консултации во однос на отворањата на границите.

На заедничка иницијатива на шефовите на дипломатиите на двете земји минатиот месец одржаа министерска видео – конференција, за координација и унапредување на соработката на министерствата за надворешни работи од земјите од Западен Балкан и земјите од ЕУ во непосредна близина на овој регион, во следната фаза од справување со општествено – економските последици од пандемијата на Ковид -19.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и неговиот поранешен македонски колега Зоран Заев се сретнаа два пати, додека пак министрите за надворешни работи Никос Дендиас и Никола Димитров имаат редовна комуникација.

Лани, кога се одбележуваше една година од Преспа, Грција беше во предизборен период, а договорот не како главна тема, но сепак се најде на агендата полемики и меѓусебни обвинувања на партиите. Тогаш Нова демократија беше опозиција и претендент за власт, а решението меѓу Скопје и Атина го сметаше за штетен договор за националните интереси на земјата.

Една година подоцна, речиси како и да не се променила власта во Грција.

Ставот на официјална Атина е дека Договорот е веќе потпишан и ратификуван и нема враќање назад.

Па така, Владата на Нова демократија, со текот на времето стана еден од најголемите поддржувачи на нашата земја на патот кон ЕУ, иако предизборно споменуваше вето за европската иднина.

Кусо по француската блокада за датум за почеток на преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ, грчката дипломатија се активираше со иницијативи за поддршка и промоција на европската перспективата на Скопје и Тирана.

Со посетата на Скопје на шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас и заменикот министер за надворешни работи надлежен за економска дипломатија и екстровертност, Костас Франкојанис на 26 ноември, минатата година започнаа низата активности и иницијативи на Атина.

Непосредно пред посетата, министерот за надворешни работи на Грција, Дендиас во ексклузивна изјава за дописничката на МИА од Атина изрази цврста поддршка за европската перспектива на Северна Македонија.

-Нашата поддршка за почеток на пристапни преговори на Северна Македонија со Унијата е дадена. Работиме на тоа и преземаме конкретни иницијативи, во консултација со сите наши партнери во ЕУ за што е можно поскоро, во таа насока, да се донесе позитивна одлука во Унијата. Секако, она што се подразбира е дека од страна на Република Северна Македонија, не треба да се намали интензитетот на напорите за усогласување со европските стандарди. Исто како што се подразбира дека од страна на Грција, ќе има цврст поддржувач во овој нејзин обид, порача Дендиас, истакнувајќи дека посетата е во „земја сосед и набргу сојузник на Грција во НАТО” и во земја која очекува „да биде и партнер на Грција во Европската унија во не толку далечната иднина”.

Во рамките на грчката иницијатива беше и неформалниот работен појадок на шефовите на дипломатиите од ЕУ и од Северна Македонија и Албанија на 9 декември 2019 во Брисел, како и конференцијата на високо ниво „Од Солун во Загреб” на крајот од февруари.

Договорот од Преспа го отвори патот за наше членство во НАТО и зелено светло од Брисел за почеток на преговорите со ЕУ.

Иако, кога протоколот за членство во НАТО беше ратификуван во грчкиот Парламент во февруари минатата година, Нова демократија, како опозиција гласаше против, една година подоцна, Министерството за надворешни работи на Грција преку официјалниот „Твитер” профил упати честитки за нашето членство во НАТО, додавајќи дека очекува конструктивна соработка.

-Ѝ честитаме на Република Северна Македонија за нејзиното членство во НАТО како 30-ти член на Алијансата. Добредојде за нашите соседи во НАТО семејството и очекуваме конструктивна соработка во рамките на Алијансата, напишаа од грчкото МНР на „Твитер”.

Ова, наиде на реакции од опозициската СИРИЗА, кои го коментираа ставот на Нова демократија како опозиција и сега како Влада за нашето членство во НАТО.

Портпаролот на СИРИЗА, Алексис Харицис преку неговиот официјален „Твитер” профил напиша „подобро доцна отколку никогаш”, а одговорната за меѓународни и европски прашања во политичкиот секретаријат на партијата Рања Свигу, рече дека тоа е „дефиниција за салто”.

Слични содржини