Книгата на Болтон ќе се најде во продавниците, се чека одговорот на Трамп

од Vladimir Zorba
170 прегледи

Американски сојузен суд ја одобри продажбата на книгата на поранешниот советник за национална безбедност во Белата куќа, Џон Болтон, со што се стави крај на обидот на претседателот Доналд Трамп да спречи нејзино пуштање, објавуваат американските медиуми.

Судијата Ројс Ламберт ја донесе одлуката во саботата, а ден порано побара малку повеќе време за да се консултира со Министерството за правда.

Претходно, Доналд Трамп напиша на Твитер дека мемоарите на неговиот поранешен соработник се „компилација лаги“.

„Книгата на Болтон, која доби ужасни критики, е компилација на лаги и измислени приказни со цел да ме натера да изгледам лошо“, нагласи Трамп.

Тој додаде дека „многу смешни изјави“ кои Болтон му ги припишува никогаш не биле направени и дека тие биле „чисти измислици“.

„Тој само се обидува да ми се одмазди дека го шутнав како болно кутре“, рече Трамп.

Книгата „Во просторијата каде што се случи“ со месеци беше предмет на правен спор меѓу Белата куќа и поранешниот советник за национална безбедност.

Конфликтот ескалираше во вторникот откако администрацијата на Трамп се обиде на суд да ја одземе заработката на Болтон од книгата и да престане со објавување, во обвинението тврдејќи дека тој го прекршил договорот за доверливост на информациите и со тоа ја ризикувал националната безбедност.