
На првиот предизборен митинг во Тулса, Оклахома, американскиот претседател Доналд Трамп ја нападна Германија, велејќи дека таа му должи на НАТО трилион долари (1.000 милијарди).
Обраќајќи се на собирот, Трамп рече дека Соединетите држави повлекуваат 10.000 свои војници од Германија, затоа што Берлин му должи на НАТО, врз основа на недоволните трошоци во одбраната во последните 25 години.
Тој ги повтори критиките на Германија поради гасоводот „Северен тек“ 2, прашувајќи дали треба да ја штитиме Германија од Русија, откако Германија плаќа милијарди за енергија од новиот гасовод кон Русија.
Во својот говор, како што пренесуваат германските медиуми, тој во пет наврати ја спомна „Ангела“, германската канцеларка Ангела Меркел, и праша што се случило со парите што Германија ги потрошиле премногу малку за одбрана во последните 25 години.
Тој рече дека Меркел му ветила минатата година дека ќе ја исполни целта на два проценти од БДП за одбрана до 2030 година или можеби 2032 година.
„Не Ангела, тоа не функционира на тој начин“, рече Трамп, додавајќи дека САД ќе ги намалат своите сили во таа земја сè додека дебатираат со Германија за одбранбените трошоци.